Руска амбасада: Изјавата на Зоран Заев ја сметаме за политички неодговорна


Руската амбасада во Скопје реагира на изјавата на премиерот Зоран Заев за „комити“ потплатени од руски бизнисмени да протестираат против договорот со Грција и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ.

„Изјавата на Зоран Заев ја сметаме за политички неодговорна. Таа ја става под знак прашалник искреноста на заложбите на Владата на РМ за градење добри односи со Русија. Со жалење констатираме дека русофобија се повеќе станува алатка во надворешната, а и во внатрешната политика“, стои на Твитер-профилот на Руската амбасада во Скопје.

Во коментар на тврдењата дека руски бизнисмени ги потпалувале протестите во Македонија премиерот Заев денеска, по стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик,   упати  на добиените извештаи по разговорите во полицијата со дел од учесниците.

– Зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добиваме. Знаете тие млади момчиња „комити“ кога нападнаа полицајци беа повикани во полицијата на исказ, па спомнуваа бизнисмени од Русија дека давале пари, заради тоа се тука и оти немаат ништо против или слично, рече Заев.

Македонија, дополни, е мала земја и сака да гради пријателство со сите, вклучително и со Руската федерација.