Решение за уште 1.900 лица со измените на законот за стечајци


Нови 1.900 лица ќе бидат опфатени со измените и дополнувањата на законот за стечајци што на денешната седница ги усвои Владата, односно тие ќе имаат можност да добиваат паричен надомест од државата до нивното пензионирање.

– Со усвоените измени се олеснуваат потребните услови утврдени со постојниот закон, кои се однесуваат на стекнување на правото на материјално обезбедување доколку престанокот на работниот однос настанал во моментот кога претпријатието со доминантна сопственост на државата се приватизирало, под услов единствениот матичен број на субјектот да не е променет од моментот на засновањето на работниот однос во тоа претпријатие, до неговиот престанок, појасни на денешната прес-конференција во Владата министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа информираше дека заради поголема флексибилност и овозможување поголем дел од стечајните работници да ги исполнат условите се менува и делот за потребната возраст која треба да ја има невработеното лице (најмалку 52 години за жени, односно 55 години за мажи).

– Сега таа се исполнува не од моментот на стапување во сила на постојниот закон, туку во моментот на поднесување на барањето за остварување на правото за материјално обезбедување, рече Царовска.

Таканаречениот закон за стечајни работници, Владата го донесе во септември 2017 година. Согласно законот, досега се издадени решенија на 2.732 стечајни работници,а согласно денеска усвоените измени како што информира министерката дополнителни 1.900 лица.