Реформите во правосудството во фокусот на Планот 18


Реформите на правосудството се во фокусот на планот 18, чија нацрт верзија ја презентираше денеска пред невладиниот сектор вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Планот 18 и натаму ќе се фокусира на основните столбови на 3-6-9, каде освен правосудството се и реформите во јавната администрација и безбедносните служби, но ќе биде насочен и на борбата против корупцијата и организиран криминал, улогата на медумите, слободата на говор, улогата на граѓанското општество, борбата против нелегалната миграција.

Османи ќе ѝ го презентира денеска планот и на опозицијата, која, како, што кажа, треба да биде вклучена во овие реформски процеси.

– Денеска имам состанок и со опозицијата, ќе им го презентирам Планот и ќе се обидеме да ги вклучиме во процесот, бидејќи овој проект на ЕУ не е ниту партиски, ниту владин, тоа е генерациска обврска, дадена од граѓаните на Македонија, независно од етничката или партиската припадност, нагласи вицепремиерот.

Појасни дека со Планот 3-6-9 е направена рамка, донесени беа стратегиите, со акционите планови, со десетици закони кои треба да го реформираат системот, а со новиот План 18 продолжува усвојување на законите, но во него ќе бидат содржани сите препораки од извештајот на ЕК. Планот нема да се фокусира само на политичките критериуми, туку и на економските.

– Планот 3-6-9 успешно ни ја донесе чистата девета препорака за почеток на преговори, но ние јасно дадовме до знаење дека реформите и самиот процес на евроинтеграција не го разбираме како технички процес на донесување мерки, туку како суштински процес на транформација на општеството во европско, со цел граѓаните да живеат во европски вредности, вели вицепремиерот.