Референдумот ќе биде распишан в сабота, договорените закони се во собраниската архива


Референдумот за договорот со Грција се очекува да биде распишан в сабота, откако синоќа работните групи на партиите постигнале согласност околу законите што беа договорени во првиот дел од понеделничката лидерска средба.

Според информациите, во собраниската архива се веќе доставени три закони што не е исклучено да бидат донесени уште вечерва или најдоцна до сабота, кога би била изгласана и одлуката за референдумот. Станува збор за Изборниот законик и за измените на законите за финансирање на политички партии и за влада, односно за враќање на техничката влада која беше предвидена со договорот од Пржино. Според собраниски извори, опозицијата отстапила од барањето да се интервенира во казнените одредеби во законот за финансирање на партиите, односно во делот кој ги третира казните за незаконско финансирање на изборните камањи.

Во парламентот, моментно е во тек седницата на Комисијата за избори и именувања која треба да ги утврди седумте кандидати на четири партии за претседател, заменик-претседател и за членови на ДИК. Новиот состав на ДИК потоа треба да биде избран на собраниска седница со двотретинско мнозинство. Се очекува оваа седница да биде закажана за 18 часот вечерва.

Потпретседателот на Собранието од НСДП Горан Мисовски изјави пред малку дека е постигната согласност меѓу власта и опозицијата за составот на ДИК и законските решенија што беа договорени на лидерската средба, и оти тие најверојатно во сабота ќе бидат донесени на собраниска седница на која ќе биде распишана и одлуката за референдумот.

– Нѐ очекуваат клучни моменти за иднината на Македонија. Имаме усогласени предлози. Дајте да ја избереме ДИК, да ги донесеме тие три закони за кои веќе имаме согласност дека координаторите ги потпишале, да ги ставиме во процедура и да го утврдиме референдумското прашање, рече Мисовски на седница на Комисијата за надворешни работи.