Режисерот ја напушти сцената


Пред четириесетина дена, движејќи се бавно, во зградата на Македонскиот народен театар влезе режисерот Љубиша Георгиевски. Во својата 82. година од животот, елегантно облечен во костум, дојде да ја зголеми прославата на денот на создавањето на историското ВМРО. Помладите му искажаа почит, а повозрасните му стиснаа рака за делото што го остави зад себе изминатите децении. Тоа беше неговиот последен „настап“ во јавноста. Вчераутро, родениот битолчанец ја напушти животната сцена.

Театарскиот и филмски критичар, драмски писател, теоретичар на театарот и професор беше роден на 30 мај 1937 година. Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, Група театар и радиорежија во Белград,1974 година. Како театарски режисер има 160 постановки во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и тие гостувале ширум Европа.

Досега има објавено десетина книги. Како филмски режисер има режирано четири филма, меѓу кои и легендарниот „Републиката во пламен“. Добитник е на повеќе од дваесетина награди во рамките на поранешна Југославија, како и наградата од критиката за претставата „Искушение“ од Вацлав Хавел во „Театер центер“ како најдобра претстава на театарската сезона. Неговите пиеси „Црна“ и „Јованка Орлеанска“ се играни со успех, а некои од нив сè уште се на репертоарот.

Македонија се збогува со еден од најголемите нејзини синови! Почина мојот театарски татко, бог да те прости професоре и да ти подари царство небесно“, ја објави тажната вест актерот Роберт Вељановски.

Во 1994 година беше претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за првите претседателски избори во Македонија. Тогаш освои 203.000 гласа. Шест години подоцна, во 2000 година, стана македонски амбасадор во Софија. Функција што ја извршувајќи следните четири години.

По парламентарните избори 2006, стана претседател на Собранието. Неговиот избор за претседател на парламентот го поддржаа партиите од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ беше воздржан, а ДУИ го бојкотираше изборот. Подоцна беше и амбасадор во Србија.

Со вас би споделил само едно разочарување и неколку надежи. Разочарувањето, кое сигурно сите го споделуваме, се состои во напуштањето на седницата од страна на парламентарната група на ДУИ, но од тоа не треба да се прави драма. Јас веќе 15 години ѝ припаѓам на една партија која често го правела тоа. Тоа е легитимно. Во политиката не можете да се изразите себеси“, рече тогаш Георгиевски.

Собранието на Република Македонија денеска напладне ќе одржи Комеморативна седница по повод смртта на Љубиша Георгиевски, поранешен претседател на Парламентот. (Г.А.)