Ревизија: Имотот на ВМРО-ДПМНЕ проценет на 10 милиони евра


ВМРО-ДПМНЕ редовно ги сервисира обврските кон Комерцијална банка за кредитот којшто партијата го подигна пред парламентарните избори 2016 година, за што како хипотека го заложи партиското седиште, кое е дел од имотот замрзнат од Кривичниот суд по барање на СЈО.

Ова за „Независен“ го потврдуваат од банката, од каде што ги демантираат одредените информации дека се одржал состанок меѓу двете страни за активирање на хипотека над партиското седиште. Банката, како што ни одговорија во дописот, не е во можност да одговори колку точно изнесува кредитот, со оглед на тоа дека податоците и информациите поврзани со клиентите претставуваат деловна тајна, иако во јавноста излезе информацијата дека кредитот е три милиони евра.

Од Специјалното обвинителство завчера прецизираа дека постојат две причини зошто побарале имотот, односно вкупно 69 недвижнини да се замрзнат. Првата е најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека постои можност централата да биде продадена или издадена. Втората причина е продажбата на стан во Кисела Вода во Скопје на почетокот од годинава во вредност од 100 илјади евра. Според проценките на СЈО, белиот дворец на ВМРО-ДПМНЕ е проценет на околу 14 милиони евра, додека другите недвижности на 3,5 милиони евра. Замрзнувањето на имотот е дел од истрагата „Талир“ за која СЈО има сомнежи дека преку партиската каса се переле пари. Осомничени се 14 лица.

Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека проценката на СЈО не е точна. Независната ревизија, како што тврдат, покажала дека имотот кој е замрзнат е вреден околу 10 милиони евра. Вчера на прес-конференција портпаролот на партијата Наум Стоилковски остро го нападна СЈО, квалификувајќи го како „правен Франкештајн“.

„Еден месец по референдумскиот дебакл на Заев, партиското обвинителство СЈО во своето незаконско работење побара да биде замрзнат целокупниот имот на партијата, а партиското судство без никаква основа донесе позитивна одлука“, рече Стоилковски.

Барањето на СЈО и одлуката на судиите за ВМРО-ДПМНЕ се исклучиво политички мотивирани. „Одлуката на судиите Димишкова и Реџепагиќ се целосно неосновани и без никаква правна аргументација. Прво и основно, не постои мандат, овластувања и надлежност за поведување на барање за определување на привремени мерки од страна на СЈО. Второ и уште поважно, ВМРО-ДПМНЕ како правно лице воопшто не е осомничено во постапката, туку единствената намера е политички прогон и нарушување на можноста за нормално дејствување на политичка партија на опозицијата“, нагласи Стоилковски.

Судот, според него, незаконски засега во правата на лица кои не се осомничени и со тоа јавно се испраќа порака на заплашување дека секој може да биде жртва доколку не се согласува или се спротивставува на, како што вели, антидржавните политики на Заев.

Доказите на СЈО за случајот „Талир“ укажуваат дека од 2009 до 2015 година, тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, прифатил незаконски средства за финансирање на партијата во износ од речиси пет милиони евра. Биле склучени 78 договори за купување недвижен имот.

За да се исперат, нелегалните пари се внесувале во партиската каса преку уплатници во банка со назнака донација. Уплатниците биле пишувани со ист ракопис и биле уплатувани во рок од 20 до 30 секунди. Инаку, поранешниот истакнат функционер на ВМРО-ДПМНЕ и ексдиректор на тајната полиција, Сашо Мијалков, во писмо адресирано до лидерот Мицкоски праша на кој начин тој се спасил од предистражната постапка за „Талир“ за периодот кога бил генерален секретар на партијата. (Н.К.)