Рангелова: Се срамам што станав додека се гласаше, заминав со плачење


Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова во вечерашното гостување на телевизија 24 рече дека таа лично се срами од чинот на шиканирање и обележување на пратениците кои гласаа за потребата од уставни измени со тоа што останатите пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во моментот на гласање станаа од столчињата.

-Нема да си дадам оставка како пратеник, затоа што јас сум добила мандат од граѓаните. Јас ќе функционирам во рамки на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и нема да гласам за уставните измени. На денот на гласањето на референдумот ние што излеговме да гласаме дочекавме да бидеме масакрирани и тоа од ботови кои се наоѓаат во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, најмногу ме загржи што тоа беше во организација на ВМРО-ДПМНЕ. Во претходното раководство барем се имало јасен став. Грешка била што во минатото сум ќутела, сега сакам да ги поправиме грешките. Додека Груевски беше на чело, имаше предлог да се исклучат реформаторите, јас и уште неколкумина бевме против и тие не беа исклучени. Јас се срамам од таа моја постапка да станам додека се гласаше за потребата од уставните измени. Во изминатиот период се ширеше една пропаганда и сметав дека ако останам да седам со нив ќе ме обележат уште повеќе. Јас од таа седница заминав со плачење. Тој чин беше нечовечен и јас се срамам од него, рече Рангелова.