Рангелова даде оставка, не сака да биде со Мицкоски


Пратеничката Даниела Рангелова поднесе оставка од функцијата претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ. Таа вели дека и покрај тоа што претседателот Мицкоски и предложил да остане на функцијата до крајот на мандатот за една година, морала да си замине поради очигледните несогласувања со политиките на раководството на партијата.

„Јас не можам да прифатам да бидам дел од ова раководство на ВМРО кое ја однесе партијата во изолација, кое со своите политики базирани на неискреност, сплеткарење и продуцирање на кавги помеѓу нас внатре во партијата, успеа по принципот раздели па владеј, дополнително да го подели македонското национално ткиво и да внесе неприфатливо ниво на омраза помеѓу македонците, но и меѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Не, јас не можам да прифатам да бидал дел од расипани, токсични игри водени од амбицијата да се нахранат неколку суети. Да имаш амбиција е позитивно, но да бидеш спремен да газиш преку живи луѓе само за да си го задоволиш сопственото его и желбата за моќ, за мене е неприфатливо.
Почитувани членки на Унијата на жени,
Моето срце и душа секогаш ќе остане со Вас, искрените и храбри членки на Унијата на жени, жени лидери со кои донесовме многу победи за партијата и со кои придонесувавме за подобро општество. Наметнавме позитивни стандарди во политиката, докажавме дека жените можат да водат и креираат политики. Заедно ја издигнавме Унијата на жени многу високо. Ние жените сме докажале многу пати дека сме храбри и посветени, дека знаеме да се бориме и избориме. Ќе успееме и сега! И ова ќе помине… Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Македонија!“, пишува Рангелова на Фејсбук.