Пушењето и дебелеењето се проблем во Македонија


Македонија е на врвот во групата земји во кои преваленцијата на дебелина е над 30 отсто. Шампион е Кипар, па Грција, Шпанија и Италија. Загрижува и податокот што едно од три деца што одат на училиште имаат вишок килограми, при што повеќе има дебели момчиња – и тоа 17 отсто, а девојчиња 13 отсто. Нездравата исхрана и недоволната физичка активност се факторите што влијаат за зголемената телесна тежина и појава на дебелина. Ова е особено важно да се спречи кај децата бидејќи навиките и телесната тежина стекнати во детството многу веројатно ќе се пренесат понатаму во животот и тоа да придонесе за предвремена појава на кардиоваскуларни болести или дијабетесот, кои го намалуваат квалитетот на живот. Дури три четвртини од смртните случаи во земјава се од незаразни болести, како кардиоваскуларните и малигните заболувања. На заедничкиот состанок на Министерството за здравство и канцеларијата на Светска здравствена организација учесниците подвлекоа дека важно за граѓаните е да бидат физички активни и да консумираат здрава храна. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека Владата наскоро ќе го донесе акцискиот план за незаразни болести.

„Водечки причини за смртност во Македонија се кардиоваскуларните и малигните заболувања. Оваа состојба мора да се промени во насока на спречување на предвременото умирање предизвикано од овие болести. Имајќи ги предвид податоците од истражувањата, кај нашето население пушењето и консумирањето алкохол сè уште се сериозен ризик за предвремена појава на незаразни болести. Акцискиот план ќе го донесеме наскоро, а уште деновиве ќе преземеме конкретни иницијативи. Со претставниците на Светска здравствена организација договоривме иницијатива за воведување физичко образование секојдневно во нашите училишта. Затоа, преземаме обврска во најскоро време да организираме состанок со претставниците на Министерството за образование и наука за да видиме како може да го спроведеме тоа кај нас, со тоа да ги промовираме здравите навики на живот“, рече Филипче.

Директорот на Канцеларијата на СЗО за незаразни болести во Москва, Жоао Бреда, потенцира дека во државава има потенцијал за промоција на здравите навики на живот. Учениците треба да имаат повеќе часови по предметот физичко образование.

„Во училиштата во Македонија неделно има 120 минути физичко. Во Унгарија децата секој ден имаат по еден час физичко“, рече Бреда.

Шефот на Канцеларијата на СЗО во земјава, Џихане Тавила истакна дека Македонија е една од земјите во европскиот регион која нема да ги оствари глобалните цели до 2020 година во однос на намалување на употребата на тутунот. Тоа, според неа, е трагично бидејќи пушењето е трета најчеста причина за болести и смрт.

„Во Македонија 46 отсто од луѓето на возраст од 15 до 64 години пушат. Со министерот ќе разговараме и за прашањето за оданочување на тутунските производи“ рече Тавила.

И додека надлежните укажуваат дека граѓаните треба да имаат здрави навики уште од најрана возраст, податоците укажуваат на спротивности. Имено, во 39 отсто од училишта нема спортски сали, во над 28 отсто во рамки на училиштата учениците можат да купат пијалаци што содржат додаден шеќер, а во 39 отсто имаат пристап до слатки или солени ужини.

Вероника Мароска-Леова