Прстот повторно вперен кон музичарите


Прослава во 15 македонски градови за поканата од НАТО ја разгоре и ја подели јавноста. Сите незадоволства, различни мислења и ставови кои ни се случуваат на политички план се префрлаат на грб на музичарите кои прифатиле да настапат в сабота на 14 јули.

По бурните реакции на социјалните мрежи, побаравме ставови од музичката фела и од оние што прифатиле да настапат, но и од оние што нема да настапат и се против членството на Македонија во НАТО.

Од првите контактиравме десетина музичари, но само Мирко Попов од „ПМГ колектив“ сакаше да даде изјава. „ПМГ колектив“ в сабота ќе настапи во Куманово, заедно со „Фолтин“, Мухамед Ибраими и „Шутка рома рап“.

Попов ни изјави дека лично ги поддржува интеграциите на земјата и дека е крајно време да оствариме прогрес по сите параметри.

„На 8 септември 1991 година, македонските граѓани гласаа за независност и промена на системот, од социјалистички во повеќепартиски капитализам. Тоа беше глас за пристапување кон западниот начин на живеење, што автоматски подразбира добивање на привилегиите и преземање на одговорностите, кои тој начин на живот ги носи со себе. НАТО и ЕУ се основни организации на тој западен свет и норми за интеграција во него. Значи, во септември 1991, македонските граѓани недвојбено гласаа за ЕУ и НАТО. Кој не го разбрал ова е универзално неписмен. Жално е што по тоа гласање, наместо за работа, овде во Македонија се фативме за крадење. По 27 години конечно нè стигна реалноста, за која најголемиот дел од граѓаните и свесно се залагаа. Реалноста стигна по крајно непријатна цена, а тоа е промена на името. Но нема ништо пореално од реалноста. Време е да се голтне кнедлата, да се засукаат ракавите и да се трансформираме од крадачи во сила која активно придонесува за сопственото и општо добро. Лично ги поддржувам овие интеграции и се надевам дека ќе ни помогнат да оствариме прогрес по сите параметри“, вели Попов.

Од друга страна, неговиот колега, основач и фронтмен на „Мугер фугер“, Сеад Хаџиќ-Сецко, воопшто не се согласува со прославување на поканата за членство во НАТО.

„Прво, целта на постоењето на еден воен сојуз како НАТО не постои по паѓањето на источниот Варшавски блок. Второ, тие се директни виновници за крвавиот распад на СФРЈ, каде што илјадници лица ги раселија или ги изгубија своите животи. Денес, како последица на осиромашениот ураниум умираат илјадници луѓе. Младината е без иднина поради срушената инфраструктура, нечесната приватизација и марионетските влади кои го спроведоа ова. Музичарите треба да се бунтовна авангарда на едно општество и да укажуваат на неговите аномалии и да се борат против неправдите, а не да бидат кловнови финансирани од народни пари. Инаку, на листата гледам дека се повторуваат звучни имиња кои веќе настапувале на слични манифестации во последниве 20 и кусур години транзиција. Нека им е на чест!“ вели Сецко во изјава за „Независен весник“.

Митко Гаштаровски-Пикисипи од рап-составот С.А.Ф., по реакциите на социјалните мрежи, напиша дека на настапот в сабота во Струга ќе го искажат својот став за новонастанатата ситуација.

„Песните наши ги знаете, не се баш за славење. Единствена песна која е за прослава ‘Раце горе’ нема да ја изведуваме, бидејќи денеска или на 14 јули не се чувствувам дека треба да славам. Нека биде последен концерт засекогаш! Сите овие години откако творам како што знам, никому не сум украл ништо, мирно спијам. Никогаш не сум настапувал за некаква политичка опција. Изненаден од фактот дека сме добиле покана за НАТО и од желба да се видам со другарите реков – во ред, ако сакаат другите ќе дојдам и јас, но без политички амблеми. Морам да признам дека сум изненаден од блуењето од т.н. фанови кои веднаш знаат да маваат со камења. Јас ќе останам доследен на своето дело и тие што ќе бидат на концертот во Струга ќе може од прва рака да слушнат што мислиме како С.А.Ф. за новонастанатата ситуација. Истата оваа Влада (партијата) ни го цензурираше концертот од 1998 година кога беше напишан албумот. Сега нè кани на заедничка прослава, иако на плакатот нема партиски обележја“, пишува меѓу другото во својот статус на „Фејсбук“.

В сабота ќе биде организирана, како што најавија од Владата, голема граѓанска прослава по повод добивањето покана за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО.

Во Скопје и во поголем дел од градовите низ државата прославата ќе почне од 21 часот. Ќе настапат вкупно околу 40 познати музички ѕвезди како: Кирил Џајковски, „Архангел“, Дејан Декс, Дуке Бојаџиев, „Конкеринг Лајон“, Горан Кан, Ферус Мустафов, Слаткар, Бени-Нонстоп + Златко Ориѓански, Ерик Фокс, Феки Фарис, „Ареа“, Кристина Арнаудова, „Нокаут“, Адријан Гаџа, Владо Јаневски, Лепи Џони, „Баклава“, „Фолтин“, Лозано, Дани Димитровска, Елена Ристовска, ДНК, „Љубојна“.

Ивана Настеска