Професионализација на ДИК и нов изборен систем за фер и демократски избори


Одржувањето на најавениот референдум доколку се постигне решение во спорот со името со Грција може да биде проблеметичен со оглед на тоа дека се уште не е формирана Државната изборна комисија. Поставеноста на изборниот систем не гарантира дека претседателските избори што треба да се одржат идната година, но и евентуалните предвремени, би биле слободни, фер и демократски.

Ова се ставовите на дел од учесниците на конференција организирана од ЦИВИЛ за слободни избори.

– Во моментов ДИК не работи, предвремени избори се можни, можен е и референдум. Најопасната работа е што ДИК не е формирана, а се најавува референдум. Се поставува прашањето кој го прочистува списокот кој е клучен елемент за референдумот. Така што најголемиот проблем го гледам тука, вели поранешниот член и претседател на ДИК Александар Новаковски.

Тој истакнува дека овој став го темели на неговото искуство во ДИК кога се одржа референдумот за територијалната организација во 2004 година.

Вели дека сегашното решение за Комисијата е произлезено од последните два изборни циклуса. Ова решение, потенцира е изнудено за да може на некаков начин да функционира и да ги преземе потребните дејства.

Смета дека е потребна професионализација на ДИК и контрола врз неа, но и нејзино оттргнување од политичките влијанија доколу сакаме да имаме чисти и фер и слободен изборен процес.

Претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала, пак, посочи дека целокупниот изборен систем се уште е проблематичен што ги донедува во прашање дури и следните избори. Според него, процесот на реформи во оваа сфера е бавен, недоволно транспарентен и ни од далеку не ветува квалитетни избори, слободни, фер и демократски избори.

Изборниот систем има сериозни мани пред се недоволно е направено за тој да се реформира, посочува Дерала и додава дека Изборниот законик се уште страда од сериозни недостатоци, поткупот на гласови не е санкциониран, а според него, проблематично е и финансирањето на политичките партии и нивните изборни кампањи, како и непрочистениот избирачки список.

– Еден од најголемите проблеми го лоцираме во институциите пред се во ДИК. Гледаме дека се заговара модел кој веќе беше надминат. ДИК нема да се реформира онака како што одговара на демократските стандарди потребни за спроведување слободни избори.  ДИК се уште ќе биде предмет или поприште на политички интереси, а далеку од тоа дека ќе се занимава заштита на правото на глас и со законитоста на Изборниот процес, рече Дерала.

И тој е согласен дека професионализцијата на ДИК е решение кое може да доведе до добар изборен процес.

– Од на што ние го гледаме на теренот, се наѕираат нови предвремени парламентарни избори, наместо само претседателски кои треба да се одржат напролет идната година. Ваква поставеност на изборниот систем и на ДИК не гарантира квалитетни избори, вели Дерала.

Тој смета дека предвремените парламентарни избори не се добро решение, не само поради проблемите со изборниот систем и ДИК, туку и политичката ситуациуја, но и регионалната констелација.