Граѓани протестираа против „рудниците на смртта“


Граѓани од Скопје денеска напладне протестираа пред Владата, во знак на поддршка на протесниот марш што истовремено се одржа во Валандово. Учесниците на двата протести побараа од власта да ги стопира активностите околу најавените рудници во југоистичниот дел на Македонија.

Тие порачаа дека нивниот протест е за обезбедување здрава и сигурна иднина за идните поколенија.

„Сметаме дека ова прашање не е важно само за тие кои живеат во Валандово, туку и за граѓаните на Скопје. Сите го дишеме истиот воздух, ќе ги јадеме земјоделските производи од истата почва, сериозен проблем е и водата која се загадува. Бараме да се забрани понатамошната изградба на сите „рудници на смртта“ и доколку граѓаните не се послушаат, верувам дека протестот ќе биде се поголем. Нема да се откажеме – рече Жана Живадиновиќ.

Истовремено со протестот пред Владата, активисти од југоистичниот регион најавија демонстративен марш и едночасовна блокада на патиштата кон Скопје и кон Гевгелија, со барање да се стави мораториум на изградбата на рудниците Казандол, во околината на Валандово, Иловица кај Струмица и Боров Дол во околината на Радовиш и да се направи ревизија на целиот процес на доделување концесии.