Протест во Скопје против договорот за менување на името


Поголем број граѓани вечерва пред македонското Собрание протестираа против договорот со Грција и против промена на уставното име на Македонија.
Собранието беше под засилено полициско обезбедување, а сообраќајот е пренасочен по околните улици. Дел од протестантите се со знамиња со сонцето од Вергина.
Тие предупредија дека Македонија ќе гори, а извикуваа и „бесилка бесилка“, како и погрдни зборови за Владата.
Насобраните од здуженијата Семакедонски национален совет – Македониум, Христијанско братство и од навивачи Комити  извикуваа „Едно име имаме – Македонија“ и „Оставка“ и пееја патриотски песни.

Страшо Олумчев, претседател на Семакедонски национален совет – Македониум за медиумите изјави дека се собрале спонтано и дека собирот е израз на револт за она што се случи вчера.

Потенцира дека право за одлука за национални прашања има само македонскиот народ и никој друг и дека денешниот собир е само предупредување.

– Со прес-конференцијата Зоран Заев го навлече бесот на македонскиот народ. Се договоривме веднаш да илеземе на улица и да протестираме. Заев  ја помина линијата до каде што може да оди, без разлика дали е премиер или не. Со ова се плука на АСНОМ-ска Македонија, се плука на Уставот на Република Македонија, изјави Олмчев, според кого не треба да има референдум затоа што, рече, се знае кои се идентитетот и името. Повика дека се уште има простор и време премиерот Заев да се откаже од договорот, додека не се ставени потписи.

 (Фото: Борис Грданоски)