Протест пред Владата под мотото “Нема правда нема мир”


Во моментов пред Владата се одржува протест под мотото “Нема правда нема мир”, јавува „Алсат М“.

Насобраните реагираат заради бегството на осудениот екс-премиер Никола Груевски во Унгарија и бараат во протестот да се приклучат и владини претставници кои под истото мото протестираа пред падот на власта на Груевски.

Присутните побараат и итна оставка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но и притвор за Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК и братучед на Груевски.

„Не се боревме за луѓе да седнат во фотељи, а правдата да не биде исполнета. Затоа некој мора да сноси одговорност. Министерот Спасовски, дури и да нема политичка одговорност, а има, има морална одговорност да си поднесе оставка бидејќи дозволија да избегаат. Или се неспособни (Груевски) да го задржат во земјава, човек кој е осуден на затворска казна, или му овозможиле да избега од земјава. Мијалков мора да заврши во притвор. Како тоа за Миле имало опасност да избега, а за Мијалков нема. Ако го остават на слобода, кога Миле е во притвор тоа ќе значи дека Мијалков е на слобода поради нивните планови“, порача пред присутните Здравко Савевски од „Левица“.