Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за правда


ВМРО-ДПМНЕ и вечерва со протест пред Министерството за правда побара ослободување на приведените пратеници и други лица за учество во настаните во Собранието од 27 април годинава.

На протестот присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а пред насобраните граѓани се обратија Иван Иванов, Никола Србов, Јасмина Дамчевска и Дарко Костовски.

– Целта им е да го разнебитат ВМРО-ДПМНЕ, да го разнебитат столбот на Македонија, доделувајќи разни креирани атрибути. Едни ги прогласуваат за терористи, други за криминалци, а третите си ја продадоа душата, потклекнаа на притисоците. Целта им е да го скршат столбот, но треба едно да им биде јасно, нема сила што ќе го скрши патриотскиот дух на Македонецот, изјави Дамчевска.

Костовски потенцира дека ниту еден притисок нема да ги разубеди да се повлечат и најави оти ќе останат тука до самиот крај или, како што рече, крајот е почитување на демократските принципи и слобода за сите оние кои беа уапсени на неправеден начин.

Протестот пред Министерството за правда е најавен и за утре во 18 часот.