Протест во Валандово против “рудниците на смртта“


Жителите на Валандово и граѓаните од околните општини од Југоистокот ги повикаа премиерот и претседателот на државата веднаш да се стопираат активностите за отворање на рудниците во регионот. Околу илјада учесници одржаа протестен марш против рудниците Казандол, Иловица и Боров Дол и порачаа дека “рудници на смртта„ нема да има.

„На нас ни беа одземени основните човекови права, бесрамно ни беа одземени правата на на чиста и здрава животна средина , чиста вода и чиста храна ни го одземаат достоинствениот живот“, рече Симона Гетова од невладината “Спас за Валандово“.

На протестот беше соопштено дека се доделени 84 концесии во цела источна Македонија и бараат да им биде ставен мораториум и ревизија во која ќе бидат вклучени и граѓанските здруженија.

Ангел Наков од “Спас за Гевгелија“ најави дека ќе биде доставена кривична пријава до Јавното обвинителство за незаконска концесија. Поддршка на протестот добија од слични здруженија од Бугарија и Романија, а претставник од Грција, каде што пред неколку години беше спречена изградба на рудник за злато на Халкидики, се придружи на денешниот протест во Валандово. (Н.В)