Протестот во Атина за името Македонија или против владата?


Атина – Кој стои за утрешниот протест? Како течат подготовките? Каква порака ќе упатат Грците до владата? Ќе добие ли собирот карактеристики на антивладин протест? – се само дел од прашањата што ги поставува и ги анализира МИА во пресрет на демонстрациите во Атина закажани за утре напладне.

Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро станици утре на плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент, јавува дописникот на МИА од Атина, ќе се одржи долго најавуваниот протест. Сите погледи во Грција се вперени кон собирот. Грците, според најавите масовно „ќе го бранат името Македонија“. Од сите краишта на земјата, организирани со автобуси, бесплатно или по цени со 50 отсто попуст, ќе пристигнат во „еднодневна екскурзија“ во грчката престолнина. „Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од вчера започнаа со подготовките на Синтагма. Поставија звучници на централните улици, а денеска се подготвува бината. Паралелно со организаторите, се подготвуваше и грчката полиција. В недела ќе бидат затворени три метро станици и речиси сите улици околу плоштадот Синтагма, а граѓаните кои што ќе сакаат да учествуваат во протестот, за да стигнат до центарот на Атина, веројатно ќе имаат само една опција – пеш.

Најавите од организаторите, преку грчките медиуми се дека од цела Грција, во Атина ќе стигнат 2000-2500 автобуси, од Солун најавија дека на секои пет минути ќе тргнува по еден автобус за Атина, а доколку овие најави се остварат и доколку во секој автобус има во просек 50 лица тогаш само од останатите градови и села, во Атина ќе пристигнат од 100 до 125 илјади Грци. Според изјавите на организаторите за грчките медиуми од изминатиот период, процените се дека в недела на собирот ќе има најмалку 1 милион граѓани.

На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.

На плоштадот Синтагма ќе има и политичари. Пратеници од Нова демократија, од Независни Грци – коалициониот партнер во владата, од Сојуз на централисти, јавно јасно и гласно, преку грчките медиуми најавија дека ќе учествуваат во протестот.Собирот може да добие карактер на антивладин протест

Се чини дека Грците во изминатиот месец, заборавија и на кризата и на финансиските проблеми па единственото главно прашање за земјата во овој момент е Македонија. Факт е дека постои голема раздвиженоста во македонско – грчките односи, позитивна клима, билатерални контакти и волја од двете страни за решение, нешто што го немаше во изминатите години, а сите говорат дека сега е шансата за договор. Дали ова ги плаши Грците и затоа масовно се најавува дека ќе учествуваат на протестот? Или можеби собирот е можност да се изрази незадоволството кон владината политика, но не само во однос на преговорите за името, туку и политиката во целост? Дали постои опасност од протест за „одбрана на името Македонија“, да се префрли во антивладин протест? Дописникот на МИА од Атина, на оваа тема поразговара со искусни грчки новинари кои веќе долги години го следат прашањето за името и одлично ги познаваат релациите Скопје – Атина. Речиси сите велат дека спорот меѓу Македонија и Грција може да биде само повод за Грците да излезат на протестот.

-Во Грција сѐ што е поврзано со чувството на Грците и има симболичен карактер го „влече“ народот. Во изминатите години и покрај толку многу финансиски проблеми, намалувања на плати и пензии, поскапувања, неподносливи оданочувања, никогаш не се одржа некој гигантски протест. Но, сега… работите се различи. По повод прашањето за името и употребата на грчкиот збор Македонија, гледате дека постои реакција. Во главно ќе биде антивладин протест, но по повод едно прашање што го допира чувството на грчкиот граѓанин. – вели Јоргос Влавианос, новинар во грчката телевизија „Стар“.

Неговата колешка Александра Вудури од радиото „Атина 984“, коментира дека протестот ќе биде политички настан и повикувајќи се на размислувања на аналитичари, вели дека е прво масовно раздвижување во „пост меморандумската ера“ во Грција.

– Може прашањето за името на соседната земја да е повод за протестот во Атина, но сигурно нема да биде собир само за „името“. И ова е тоа што во главно ја загрижува владата и ги дели сите партии, па дури и коалицискиот партнер на СИРИЗА, Независни Грци, вели Вудури и додава дека владата нема да ги земе предвид пораките од протестот во Атина, во однос на преговарачката тактика и стратегија.

– Постојат одредени индикации дека протестот во Атина би можело да функционира како едно средство за изразување на задоволството на дел од граѓаните кон владата. Во Солун околностите беа поразлични, вели во разговор со дописникот на МИА од Атина, Ангелос Атанасопулос , новинар во весниците „То вима“ и „Та неа“. Тој додава дека се ќе зависи од масовноста на протестот.

Новинарот Ставрос Ѕимас од весникот „Катимерини“, кој одблиску го следеше првиот протест одржан во Солун, вели дека грчкото општество и грчкиот народ е „во мрак“ кога станува збор за конкретното прашање меѓу двете земји.

-Не се сите националисти што ќе се соберат, ниту пак радикални десничари, претпоставувам, барем според она што го видов во Солун. Мнозинство, изразија чувства, изразија агонија во однос на тоа каде оди прашањето. Пред се постои непознавање на ова прашање од народот и општеството. Тоа, мислам дека ќе се покаже и утре на Синтагма. Народот не е информиран, коментира Ѕимас за МИА.

Медиумите во Грција се поделени околу протестот, грчката православна црква даде поддршка, Вселенскиот патријарх повика на трезвеност, организаторите очекуваат минумим милион граѓани на Синтагма.