Протестен марш за заштита на бездомните животни


Под мотото „Сонувам за хумано утре“ во недела, 4 номеври, ќе се одржи протестен марш на сите здруженија за заштита на животните регистрирани во Македонија за конечно ставање под контрола на состојбата со бездомните животни.

Протестниот марш ќе започне во 12 часот на пладне пред Собранието на Македонија, а ќе заврши во 14 часот пред Град Скопје. Од здруженијата најавуваат дека го дигаат својот глас поради катастрофалната состојба во стационарот Вардариште каде што во крајно нехумани услови животните се измачувани, изгладнувани и најчесто нивниот живот завршува со бавна и болна смрт.

Велат дека никогаш немало повеќе животни на улица и дека ништо не е направено да се воведе ред во овој сегмент. Од здруженијата најавуваат дека имаат решенија и предлог-програма за која велат дека е единствената хумана програма што дава резултат поради тоа што истата се применувала во земји каде што проблемот е одамна решен.

На социјалните мрежи веќе се придружуваат голем број на граѓани и познати личности, а огромна е и поддршката од активисти и љубители на животни од буквално целиот свет кои постираат фотографии со мотото „Македонијо, светот те гледа!“.

На настанот се поканети да се приклучат сите граѓани на Скопје и Македонија, особено оние кои не сакаат да гледаат кучиња на улиците, бидејќи со решенијата на активистите за само неколку години драматично ќе се намали бројот на бездомни кучиња на градските улици.

„Парите на граѓаните крајно неекономично се трошат, а проблемот опстојува веќе со децении иако е трајно решлив за само неколку години. Единствено што е потребно е управувањето со стационарите да се предаде на вистинските луѓе кои знаат да се справат со ситуацијата.

Институциите да ни ја предадат надлежноста нам е единствениот излез. Нивните тактики се исти со децении и не даваат резултат. Редно е ние да покажеме што знаеме и што можеме“ – децидни се организаторите на протестот.

Секој кој сака да ја изрази својата поддршка на социјалните мрежи може да го стори тоа со објавување на фотографија од својот, по можност вдомен, миленик и употреба на официјален хаштаг #СонувамЗаХуманоУтре #ИЈасСонувам.