Пропусти и за новите конкурси: За „Млади Европејци“ одлучувале вработени во Министерството


Новиот конкурс на Министерството за културата „Млади Европејци“ повторно предизвикува незадоволство во јавноста, а се добива впечаток дека не ја исполни ниту првичната цел, а тоа е поддршката на младите.

Целта на конкурсот, според најавеното од министерот Асаф Адеми, беше да се промовираат европските културни вредности, односно „преку млади таленти да се дисперзираат во локалните средини, за да се збогати, омасови, интензивира, динамизира и раздвижи културната понуда“. Право на учество имаа здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата. Но во конкурсот, чие име го содржи зборот „млади“, недостигаше клучен критериум за возрасната граница на оние што може да аплицираат.
Стручната комисија формирана за овој тематски конкурс ја сочинуваа Исмаил Мислими, граѓански активист и член на НВО, Нора Шакири, социолог и надворешен соработник Нулифер Сали, самостоен уметник Валбона Мустафи-Алими, професор по музика и Рената Јајоска, член на СДММ и потпретседателка на младите европски социјалисти.

Хонорари и за вработени во Министерството?
Во овој состав е дискутабилно што двајца од членовите се и редовно ангажирани во Министерството за култура, Исмаил Мислими во рамките на кабинетот на министерот и Нора Шакири во кабинетот на заменик-министерот Владимир Лазовски. Во досегашната пракса при формирање стручни комисии за одобрување проекти, лица кои се вработени во Министерството беа вклучувани само како техничка поддршка, но не и како членови со намера директно да оценуваат и да одлучуваат за тоа кои проекти ќе бидат поддржани. Во актуелниот Закон за култура се вели дека стручните комисии треба да бидат формирани од надворешни стручни кадри кои ќе поднесуваат писмена изјава дека немаат судир на интереси во однос на пристигнатите пријави. За тоа колку пари добиле како надоместок членовите на оваа комисија, вклучително и двајцата членови кои се редовно ангажирани во Министерството, досега не добивме одговор.

Нерамномерна распределба на пари
Нејаснотии има и во одобрувањето на средствата за одобрените проекти. На пример, за концерт на соло-изведувач одобрени се исто или повеќе пари отколку за концерт на помногуброен состав. За солистички концерт на музичарот виолинист Шкелзен Пајазити одобрени се 220 илјади денари, а како посебен проект одобрени му се 56 илјади денари и на музичарот пијанист Шкелзен Бафтиари. Тука станува збор за ист концерт кои двајцата имењаци музичари го реализирале на 17 декември во Центарот за култура во Тетово.


Во рамките на „Млади Европејци“ одобрени се пари и за проект за кулинарство во износ од 150 илјади денари.
Јавно реагираше и музичарот кларинетист Рами Мустафа, кој двапати беше член на стручна комисија за музичко-сценска дејност (2017 и 2018 година) за годишните програми за поддршка на проекти од национален интерес. Мустафа беше и единствениот член од тие комисии кој одби да го потпише извештајот на одобрени проекти од годишната програма за 2018 година, кога во јавноста излегоа многубројни спорни проекти, додека Роберт Алаѓозовски раководеше со ова Министерство. Мустафа вели дека нему му е важно да се поддржуваат квалитетни културни проекти, а не партиски или какви било други нарачки. Порачува дека, иако сега не е во ниту една од тие комисии, во чекор ќе ги следи сите проекти и ќе реагира како и досега, за јавноста да знае каде и како се трошат народните пари.
„Нема да именувам никого со име и презиме, но оставам и на вас да ги разгледувате и да ги споредувате поддржаните проекти. На пример, има проекти каде што двајца музичари (дуо) се поддржани со 220.000 денари, а концерт на осум луѓе (октет) е поддржан со 45.000 денари. Вакви работи забележав и во „Новиот културен бран“. Гледам дека имаат приоритети градовите и личности кои се привилегирани од сите структури“, вели Мустафа и додава дека за жал во Македонија многубројни музички проекти на албанската популација се реализираат со музички формации од Албанија или Косово бидејќи кај нас инструменталисти Албанци се сè уште дефицитарен кадар.

Превентива пред резултатите од Годишната програма
Конкурсот „Млади Европејци“ беше распишан на 5 ноември и траеше до 4 декември, а да се реализира од 10 до 20 декември. Предвидени беа 13 милиони денари, но одобрени се проекти кои чинат 10 милиони и 600 илјади денари.
Иако оваа сума е незначителна во споредба со парите и обемот на проектите во годишната програма, сепак, треба будно да се следат сите проекти за да не се повторуваат грешките од минатото. Резултатите, пак, од годишната програма за 2019 година се очекуваат кон крајот на јануари. Министерот Адеми во неколку наврати велеше дека ќе ги минимизира недостатоците во овој дел, па за таа намена објави и телефонски број (071 329 040) на кој ги повика сите граѓани да му пријавуваат злоупотреби.
Мустафа како добар познавач на процедурите при доделување средства и одобрување проекти вели дека е лошо што повеќе се дава на значење на административните потези отколку на суштината на проектите.
„Имаше многу нови административни одредби за кои мислам дека кабинетот им дава повеќе вредност отколку суштината на проектот, импактот во општеството и развивање на културата. Многумина од конкурентите беа интерно информирани за тие административни одредби, додека другите си конкурираа и се посветија на професионалните уметнички критериуми. Мислам по објавувањето на резултатите од конкурсот на Годишната програма ќе имаме можност да ја забележиме и оваа појава“, предупредува Мустафа.

Ивана Настеска