Промовиран проектот „Образование за вработување во Македонија“


Образованието да биде ориентирано кон потребите на трудот и пазарот и да поттикне вработувања во земјата преку подобрување на стручните вештини кај младите, беше истакното на денешната регионална промоција на проектот „Образование за вработување во Македонија“ што се одржа во Струмица.

Според Бранко Алексовски, советник во Центарот за стручно образование и обука и покрај реформите во образованието пазарот на трудот испраќа информации дека покрај теоретските знаења на учениците од средното образование им недостасуваат вештини кои се применливи во процесот на трудот и кои ги очекуваат работодавачите.

– Овој проект ќе ни биде од голема корист за да можеме заедно да ги утврдиме актуелните, па и идните вештини заедно со социјалните партнери и да можеме преку реформите, кои во наредниот период ќе се прават со помош на проектот, да можеме да ги развиваме тие вештини и да можат нашите ученици да одговарат на моментите и наредните очекувања и потребите на работодавачите, рече Бранко Алексовски, советник во Центарот за стручно образование и обука.

Додаде дека е слаба поврзаноста меѓу училиштата и работодавачите, бидејќи фокусот бил ставен на училишните работилници и праксата во училиштето. Тоа може да се промени со изведување на праксата на учениците во компаниите и на тој начин да се зајакне врската меѓу училиштата и работодавачите.

Обраќања на настанот имаа претставници од проектот, од Центарот за стручно образование и обука и од бизнис заедницата.

На промоцијата присуствува градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, претставници од единици на локалната самоуправа од југоисточниот регион, од средните стручни училишта, од бизнис секторот и од граѓански организации.

Проектот е имплементиран од страна на „Хелветас Македонија“, „Македонскиот центар за граѓанско образование“ и Стопанската комора на Македонија, а е подржан од Швајцарија.