Промовиран нов портал за отворени податоци на институциите


Граѓаните, граѓанските организации, бизнис секторот од денеска ќе можат да ги користат податоците од нов портал за отворени податоци на државните и локалните институции data.gov.mk што беше промовиран во Владата. Тој, меѓудругото, треба да ја зголеми транспарентноста на институциите, подобрување на услугите и ефикасноста на јавниот сектор, да ги вклучи граѓаните во креирањето политики, како и да обезбеди нови можности за бизнис секторот.

– Она што сакаме да го постигнеме со отворањето на овој портал е да ја подобриме испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор. Тој овозможува и зголемување на учеството на граѓаните при креирањето на политиките, но и при анализа на резултатите од она што ние го правиме. Наша главна заложба како министерство е да ги донесеме услугите до граѓаните и тоа е многу полесно отколку физички нив да ги носиме до институциите. Ова е само еден од механизмите како може тоа да го направиме, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Тој информира дека засега на порталот 42 институции имаат свои информации, поделени во 103 податочни сетови. Полнењето на порталот, рече, е процес што никогаш нема да заврши затоа што постојано ќе има нови и нови податоци кои ќе треба да се отворат за граѓаните.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски смета дека отворените податоци, освен што придонесуваат за зголемување на транспарентност и отчетноста се силен поттик за економски и социјален развој на државата. Порталот, рече, порталот ќе ја унапреди информираноста и низ партнерство со различни засегнати страни ќе доведе до подобрување на испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор.

-Тој треба да овозможи и поголема вклученост во градењето на политиките на државата, да помогне во борба против корупцијата, но и да обезбеди нови можности и за бизнис секторот. Објавените податоци овозможуваат и поттикнуваат независна анализа на владините политики и информации, рече Поповски.

Амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј смета дека секоја државата треба да го користи дигиталниот пристап кога станува збор за пристап до податоците, и да биде во чекор со современите технолошки достигнувања и развој. Како јавни институции, потенцира, наша обврска е отворените податоци да ги направиме што е можно поотворени, а се во интерес на секојдневниот живот на граѓаните.

-Пристапот на отворена влада е нешто што е незаменливо кога станува збор за транспарентност и отчетност на јавните институции. Порталот што го промовираме денеска би требало да го зголеми и олесни пристапот до информациите до граѓаните, а истовремено да ги вклучи и ангажира нив да придонесуваат во начинот на развојот на политиките, рече амбасадорката.

Неда Малеска од Центарот за управување со промени вели дека идејата за ваков портал е добра и оти тој е значаен и за граѓаните, за граѓанскиот сектор, но и за бизнисот. Владата, потенцира таа, треба да има слух за барањата на граѓаните и граѓанските организации кои податоци им се потребни, а особено внимание треба да се посвети на податоците од локалните самоуправи, како најблиски до граѓаните.

На промоцијата беше истакнато дека постоењето ваков портал, не менува ништо во однос на можностите за барањето на граѓаните за пристап до информации од јавен каракер.