Продолжува судењето на Сеад Кочан


Во Кривичниот суд денеска треба да се одржи ново рочиште за предметот на СЈО „Труст“, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Судот треба да сослуша вешто лице предложено од Специјалното јавно обвинителство.

На минатото рочиште вкрстено беше испрашуван вештакот Дејан Грковски. Тој рече дека побарал да направи увид во постројките на „Трансмет“ и да утврди дали соодветствуваат со постројките што биле наведени во документацијата, но можност за таков увид не добил.

Посочи дека го известил Обвинителството дека не може да изврши увид на постројките и дека наодите ќе ги изготвува врз основа на документацијата. Грковски додаде дека од него било побарано вештачење за тоа дали станува збор за мобилни или статични дробилки.

Адвокатот Миле Петковски го праша вештакот дали има направено вештачења од геолошка и рударска област. Тој потврди дека досега нема, но рече дека е специјализиран за сообраќајно и машинско вештачење, односно наредбата од СЈО била за вештачење на механизацијата, а не на суровини.

Според обвинението, осомничените со фалсификувани документи местеле тендери во ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.

Предметот, како што објави СЈО, е оформен врз основа на три прислушувани разговори, од кои два необјавени во јавноста од 3.8.2011 и 6.10.2011 година.