Продолжува судењето на обвинетите за убиство на Саздовски


Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржи ново рочиште за Бесир Беља и Скендер Демири, обвинети за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски.

Случајот се наоѓа во доказна постапка, а на последно одржаното рочиште беа презентирани наодите од судска медицина.

Според обвинителниот акт, Беља и Демири заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда.

Од здобиените повреди, Саздовски на 9 јули годинава почина на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување-КАРИЛ во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот, распишана е домашна и меѓународна потерница.