Пријавени 41 кандидат за членови на ДИК, меѓу нив е и Кондарко


Повеќемина поранешни пратеници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се пријавиле на конкурсот за членови во новиот состав на Државната изборна комисија, која треба да го спроведе престојниот референдум за името. Според списокот до кој дојде „Независен весник“, за членови на овој состав на ДИК се пријавиле вкупно 41 кандидат, од кои најголемите партии треба да изберат седуммина – четворица од мнозинството и тројца од опозицијата, од каде што ќе биде и претседателот на Комисијата.
Меѓу пријавените е и поранешниот претседател на ДИК Борис Кондарко, кој си поднесе тогаш оставка на функцијата, а претходно беше пратеник и портпарол на СДСМ. Од редовите на СДСМ е пријавен и поранешниот пратеник од Неготино Јанаќе Витановски, кој сега е раководител во администрацијата на ДИК.
Поранешните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Дерковски, кој беше и директор во „Македонски железници“, и Светлана Карапетрова се исто така меѓу 41 кандидат на конкурсот што го распиша Собранието. Според најавите, тие двајца би влегле во ДИК како претставници на ВМРО-ДПМНЕ, а еден од нив ќе биде претседател на Комисијата.
Меѓу кандидатите има и други познати имиња, како Марина Наќева Кавракова, која беше претседателка на Комисијата за хартии од вредност, Југослав Миленковиќ, кој беше портпарол на Уставниот суд, Чедомир Дамјановски, поранешен член на Комисијата за лустрација, Адмир Шабани, портпарол на ДИК…
Покрај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, свои претставници во ДИК ќе имаат и ДУИ и веројатно Алијансата за Албанците, како опозициска партија од албанскиот блок или евентуално тетовското крило на Беса.
Овој состав на ДИК ќе биде исклучиво со партиски претставници, како што е договорено меѓу ВМРО-ДПМНE и СДСМ, и ќе има мандат од само шест месеци, додека да се донесат потемелни измени на Изборниот законик, со кои треба да се уреди и нов концепт на Комисијата, како административно тело, во кое партиите ќе влегуваат шест месеци пред избори – со свои набљудувачи без право на глас.
Македонија подолго од половина година функционира без ДИК, откако претходните членови на ова тело поднесоа оставки, поради скандалот со високите бонуси за последните изборни циклуси.
Изборот на новиот состав на ДИК, според одредени информации, може да се стави на дневен ред на собраниската седница што почнува во вторник, иако е неизвесно дали дотогаш ќе заврши целата процедура, што оди преку Комисијата за избори и именувања. (A.M.M.)