Притвор за поранешниот директор на УБК за упадот во Собрание


Судија на претходна постапка му одреди притвор од 30 дена на поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски кој беше уапсен на барање на обвинителката Вилма Русковска.

Доцна вечерва тој беше спроведен во затворот во Шутка.

Обвинителката побара притвор за Атанасовски откако тројца обвинети за упадот во Собрание обелоденија дека токму тој заедно со други вработени во УБК го организирале упадот во Собрание. Русковска бараше притвор за него по три основни, опасност од бегство, влијание врз сведоци и опасност од повторување на делото.

Обвинителството го гони за кривично дело здружување заради непријателска дејност и Русковска најави проширување на истрагата во оваа насока.

Адвокатот на осомничениот вели дека обвинителството не треба да им верува на луѓе на кои им се заканува доживотен затвор.

Судењето за 27 април треба да продолжи в четврток.