Притвор за градоначалникот – шверцер


Притвор во трење од осум дена му одреди судија на претходна постапка на градoначалникот на Ново Село, Боро Стојчев. Зад решетки завршија и останатите три лица, а на едно лице му е одземена патната исправа и треба еднаш неделно да се јавува во Судот во Струмица.

Градоначалникот на Ново Село и останатите осомничени за шверц на цигари мерката притвор ќе ја издржуваат во затворот во Прилеп.
Градоначалникот од редовите на СДСМ, кој победи на последните локални избори, завчера беше фатен од полицијата со џип полн со цигари.

Неофицијално, Стојчев бил во џипот со својата сопруга, а приведен е и неговиот син кој управувал со другото возило. Неговиот син се обидел да ѝ избега на полицијата, која испукала два предупредувачки куршуми за да го запрат возилото.

Според официјалните информации од МВР и Обвинителството, завчера полицајците во близина на селото Баделен во општина Ново Село запреле две возила натоварени со картонски кутии со цигари. Тие се обиделе да ги пренесат непријавените цигари преку див премин на македонско-бугарската граница. Тие биле сопрени на два километри од граничниот камен. Во возилата биле најдени 66 картонски кутии со околу 3.300 штеки цигари, во вредност од три милиони денари.

Во едниот џип што го возел градоначалникот имало 29 кутии, со по 50 штеки и една кутија со 49 штеки цигари, односно 1.500 штеки цигари.
Другото возило било натоварено со 35 штеки цигари и една кутија со 49 штеки цигари и една штека со девет кутии.

Во полициската акција е приведено уште едно лице од село Самоилово кое ги следело возилата со мотор без регистарски таблички.
Стојчев во октомври минатата година со 2.883 гласови го победи својот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Блажо Велков кој освои 2.382 гласови.
Во неговиот анкетен лист објавен на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата, на свое име од недвижен имот има само земјиште во Ново Коњарево кое го наследил и лизинг.

Во Ново Коњарево пријавил куќа ама на име на децата, проценета на 25 милиони денари. Земјиште пријавил и на име на брачниот другар и на име на родителите. Нема пријавено возило на свое име, а на име на сопругата пријавил „ландровер“, „мицубиши“ и уште еден автомобил на име на децата.
На име на сопругата пријавил 70 сандаци со пчели, а на име на родителите 71 крава.

Завчера пред да го уапсат, Стојчев заедно со амбасадорот на Швајцарија, претставници на УНДП и заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, отвораше пречистителна станица во општина Ново Село.

Според Кривичниот законик на градоначалникот му се заканува затворска казна од шест месеци до пет години. (Ф.Ф.С.)