Привилегиите ќе го чекаат Груевски да излезе од затвор


Потврдената затворска пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски чека да биде трансферирана од Апелацискиот суд до судија за извршување санкции, по што започнува новата ера од животот на некогаш најмоќниот политичар во земјава. Тоа не значи дека веднаш ќе биде однесен во затвор, затоа што постојат можности за одложување на извршувањето на санкцијата, но маневарскиот простор се стеснува. Самиот Груевски веќе најави дека ќе ги користи сите правни механизми за да ја оспори одлуката за две години затвор поради набавката на луксузниот „мерцедес“, за што вчера беше огласена за виновна и ексминистерката Гордана Јанкулоска.

Неговите адвокати можат до Основното јавно обвинителство да поднесат барање за вонредно преиспитување на пресудата повикувајќи се на суштествени повреди и погрешна примена на материјалното право. Доколку Обвинителството се согласи, самото ќе покрене постапка до Врховниот суд. Но тоа не го спречува издржувањето на казната. Груевски може да биде во затвор, а правната процедура да си тера. Доколку бидат усвоени жалбите и предметот биде вратен на почеток, поранешниот премиер ќе излезе на слобода и ќе го чека повторното судење.

Другата можност што му останува е да го одложува одењето во затвор. Имено, на неговата домашна адреса се очекува да пристигне барање во кое ќе биде наведено кој ден, во кој час и во кој затвор треба да се јави и да почне со издржувањето на казната. Доколку не го направи тоа, судот ќе побара полицијата да го приведе, а во краен случај може да распише потерница. Но Груевски во рок од три дена по примањето на барањето ќе може да побара одложување. Треба да наведе од кои причини и притоа да достави цврсти докази.

„На пример, доколку има здравствени причини, мора да обезбеди валидни докази од докторите што го лекуваат, па судијата за извршување санкции ќе одлучува дали ќе ги прифати. Во таков случај, се носи одлука за одложување на одењето во затвор, при што точно се наведува за колку време, односно кога се очекува да заврши лекувањето“, објаснуваат правниците.

Изминатите денови се влечат паралели со поранешниот премиер Владо Бучковски, кој беше осуден на две години затвор во случајот „Тенковски делови“. Не одлежа ниту еден ден. Тој побара одложување на казната за да ги заврши обврските на Правниот факултет. Подоцна, Врховниот суд прифати да се одложи извршувањето на правосилната судска пресуда, како и вонредно да се преиспита пресудата овозможувајќи му уште еднаш да ги образложи своите тврдења дека во случајот „Тенковски делови“ не постои зделка во која има корупција. На крајот, пресудата против него беше укината.

Никола Груевски функцијата претседател на Владата ја извршуваше од 26 август 2006 година до 18 јануари 2016 година кога беше притиснат да „абдицира“ поради „бомбите“ што доведоа до пржинскиот договор. Речиси десетте години како прв човек во „Илинденска“ му донесоа можност цела деценија да ги користи бенефициите што следуваат за поранешните премиери. По принципот колку дена како премиер, толку денови и бенефиции по тргањето од власт, на Груевски му следува шестчлено полициско обезбедување, кое самиот си го избира, службено возило и возач. Покрај тоа, довчерашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ е и пратеник во Собранието, па во јавноста останаа недоумици што ќе стане со привилегиите кога и доколку Груевски замине во затвор.

Како што објаснуваат експертите, функцијата пратеник останува во сила, Груевски може да се врати во Собранието по издржувањето на казната, секако доколку во меѓувреме нема нови избори.

„Кога се во прашање другите привилегии, логично е дека нема да му треба обезбедување или личен шофер кога ќе биде во затвор. Но имајќи предвид дека тие му следуваат со закон, за да му бидат укинати кога ќе излезе на слобода – потребна е нова одлука од Владата или од Собранието“, велат нашите соговорници.

Поранешната власт ја правдаше одлуката за давање привилегии на поранешните премиери со зајакнување на позицијата на најодговорниот во Владата во борбата против криминалот и корупцијата. Тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека со таквото решение им се дава ветер во грб на премиерите бескомпромисно да влезат во битка против криминалците, не стравувајќи од одмазда кога повеќе нема да бидат на власт. (Г.А.)