Приведените пееле за љубов и соживот, „шарените“ застрашувале


Со местените апсења и нарачани судски пресуди се прави неправда, а неправдите ќе родат и нови неправди, реваншизмот ќе роди друг реваншизам, незадоволството ќе роди нови поделби и тензии, порача Антонијо Милошоски, пратеник и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот протест пред Министерството за правда. Партијата веже неколку дена  одржува протести против приведувањето и притворањето на нејзини членови и пратеници поради учество во насилствата во Собранието од 27 април годинава.

-Својата неспособност Владата ја прикрива со местени апсења и нарачани судски пресуди и прогони. Сегашната влада не е дојдена на власт за да ја зголеми платата и животниот стандард, бидејќи  тие немаат економски план – рече Милошоски.

Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, пред собраните граѓани рече дека гревот на приведените лица бил тоа што си ја сакале нивната земја. Тој праша дали може ли да бидат терористи луѓето кои немаат допрено оружје, немаат направено никакво насилство и пеат песни за Македонија.

-ВМРО-ДПМНЕ ги користеше сите легални средства за избор на претседател на Собранието и за формирање на нова Влада, но граѓаните почувствуваа дека се подготвува предавство и формираа здружение наречено „За заедничка Македонија“. Секојдневно маршираа мирно по улиците, пееја песни за Македонија, песни за соживот и љубов и имаа цел да го зближат народот. Во говорите на „Шарената револуција“ имаше омраза, заплашување, имаше страв, а во говорите „За заедничка Македонија“ имаше песни за патриотизам и за нашата земја. Тие на нелегален начин избраа претседател и народот влезе во парламентот. Сето тоа треба да се расветли на демократски начин, а не со масовен прогон и апсења на луѓето кои влегоа – рече Трајановски.

На протестот беше присутен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Милошоски најави нов протест утре во 18 часот.