(ВИДЕО) Претставници на граѓаните кои протестираат бараат средба со Мицкоски


Претставници на граѓаните, кои протестираа против договорот со Грција за името во моментов се пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и чекаат средба со партискиот лидер, Христијан Мицкоски.

Претседателот на Здружението „Семакедонски национален совет Македониум“ Страшо Олумчев за МИА рече дека ќе побараат во разговорот со Мицкоски пратениците да дадат оставка и да излезат пред Собранието да ги поддржат граѓаните во протестите против договорот за името.

Поголемата група од Здружението се врати пред Собранието каде што ќе продолжат со протести.

Сообраќајот на улицата пред Собранието е блокиран, а околу собраниската зграда има засилено полициско присуство.

Граѓаните пред Парламентот, побараа оставка од Владата и во знак на револт запалија копија од договорот со Грција, пеејќи ја истовремено македонската химна и песната „Едно име имаме“.

– Нема да дозволиме да помине овој договор, извикуваа незадоволните граѓани. Тие воедно ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да излезе од Собранието и да не го поддржи Преспанскиот документ.

Според граѓаните кои протестираат пред Собранието, референдум воопшто не треба да има.