Премиерот Заев следната недела на средби со Јункер, Могерини и Хан


Претседателот на Владата Зоран Заев на 5 и 6 декември ќе биде во дводневна работна посета на Брисел, каде, како што е најавено, ќе се сретне со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со еврокомесарот за соседска политика и за проширување Јоханес Хан.

Средбата со  Јункер е прва со македонски премиер. По средбата предвидени се заеднички изјави на премиерот Заев и Јункер. Во делегацијата предводена од премиерот се и заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Премиерот на 6 декември ќе се сретне со претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, веднаш по молитвениот појадок.

Попладнето Заев ќе има состанок со високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини. Заев, како што информираат од неговиот кабинет, ќе има средба и со еврокомесарот за соседска политика и за  проширување, Јоханес Хан, со што завршува работниот дел од посетата на највисоките институции на ЕУ.

Во рамките на оваа дводневна посетата на Брисел, премиерот Заев ќе учествува на дебатата на тема „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската унија“ во организација на Центарот за европски политички студии (ЦЕПС), како и на трибината „Македонија по шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Брисел.