Прекршочни пријави за струмичани кои се грееле со стар мебел, гуми и пластика


Инспекциските служби на општина Струмица по извршените контроли кај стопанските субјекти и домаќинствата утврдиле дека го загадуваат воздухот повеќе од дозволеното и против нив се отворени прекршочни постапи, соопштија денеска од Општината, но не информираа колку постапки и против кого се отворени.

– Во рамките на своите надлежности и овластувања општина Струмица преку своите иснпекциски служби во изминативе денови вршеше континуирани контроли во стопансктите субјекти и домаќинствата за да се утврди дали ги спроведуваат нормативите во нивното производство, какви енергенси користат за затоплување и колкаво е нивното влијание врз загадувањето на воздухот. По извршените контроли се утврдени неправилности и се отворени прекршочни постапки, стои во денешната информација од општина Струмица.

За време на божиќните празници се појавија информации дека според податоците кои беа објавувани на апликацијата „Мој воздух“, Струмица беше општина со најзагаден воздух во државата, а на 8 јануари беа измерени над 700 микрограми ПМ 10 честички на еден кубен метар.

На таквите информации реагираа од општината со став дека мерната станица, која била поставена на 4 јануари годинава за мерење на загадувањето на воздухот во моментот е во пробна работа и затоа параметрите добиени во овој период треба да не се земаат предвид.

– По завршувањето на сите активности, како што се баждарење и калибрирање на инструментите во самата мерна станица, ќе можеме со сигурност да ги следиме отчитувањата, како и да сме сигурни дека загадувањето на воздухот на територија на општина Струмица е на повисоко ниво од дозволеното, стоеше тогаш во официјалната реакција.

Општинските служби  информираа дека од анализите кои се правени се покажало дека во најголем дел загадувањето на воздухот се должи на употребата на несоодветни фосилни горива за загревање како што се иверки, стар намештај, моторно масло, прехранбено масло, пластика, гуми и други несоодветни горива