Презентирани докази против Јанакиески за изградбата на „Сончев град“


Обвинителите од Специјалното јавно обвинителство презентираа материјални докази поврзани со изградбата на елитниот комплеск „Сончев град“ меѓу кои извештаи од затворени седници на Влада, поднесоци од државното правобранителство до Влада, извештаи од вештачења, комисии и анализи, катастарски извештаи за градежни парцели и друга документација.

Вчера во Кривичниот суд продолжи судењето за случајот „Топлик“ во којшто му се суди на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Неговата одбрана реагираше на начинот на презентирање на документите и побара нивно целосно прикажување и поврзување со конкретните дела од обвинението. И самиот Јанакиески лично побара да го коментира изведувањето на доказите, но судијата Осман Шабани не му дозволи.

„Имате завршни зборови каде ќе може да ги изложите сите ваши забелешки, а судот е тој што ќе одлучи дали и како ќе ги цени доказите“, рече Шабани.

На претходното рочиште обвинителите на СЈО ги причитаа 608-те материјални докази во врска со предметот. Според обвинението, првоосомничениот Јанакиески, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град” во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од еден милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити”.