Предлог-законите од правосудството ќе бидат доставени до Собранието до крајот на годината


Сите Предлог-закони од правосудството ќе бидат изготвени и пуштени во постaпка во македонското Собрание до крајот на годината, нaјави министерката за правда Рената Дескоска, која денеска претседаваше со Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот систем.

Од владината прес- служба информираат дека на денешната, осма по ред седница, фокусот бил ставен на измените на Законот за кривична постапка и на Законот за извршување санкции.

Во дебатата за Законот за кривичната постапка, покрај учесниците во работната група, свои забелешки дале и адвокатите и јавните обвинители кои укажале на одредени решенија на зaконот за кои се потребни дополнителни подобрувања, а јавниот обвинител Љубомир Јовески побарал од Министерството за правда да го дистрибуира новиот закон за да можат јавните обвинители и судиите да го проучат и да укажат на одредени можни недостатоци.

И според поранешната судијка Виолета Дума, Законот за кривична постапка претставува основна алатка во работата и затоа Предлог-измените треба да им бидат дадени на увид на судиите.

Претседателот на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Иван Џолев укажал на потребата од аудио и аудиовизуелната техника за време на судските претреси, а народниот правобранител Иџет Мемети ги акцентирал оние моменти што се однесуваат на одредени кршења на правата на задржани, односно осомничени лица.

До крајот на овој месец, како што информирала министерката Дескоска, ќе се изврши увид во потребите на 18 судови за нивна непречена работа.