Првото бебе во новата година во Кочани е женско


Женско е првото новороденче во 2019 година на акушерското одделение во Општата болница со проширена дејност од Кочани. На свет го донесе мајката Елсида Шакирова од Кочани, за која тоа е трета рожба.

Дежурните лекари во болницата биле дополнително ангажирани со уште едно породување што се случило веднаш по првото, а мајката од селото Дулица, општина Македонска Каменица, исто така родила женско бебе.

– По подолг период се случи во еден ден да имаме две породувања, поради што се надеваме новата година да ни биде подобра во однос на минатата. Лани регистриравме 170 раѓања, што е опаѓање за петнаесетина отсто во споредба со претходната, но поразително е чувството оти пред две децении имавме и над илјада породувања. Трендот на опаѓање загрижува, иако се трудиме да ги обезбедиме потребните услови за породување, па освен неопходната опрема, ние сме меѓу ретките болници во државата со четири гинеколози, рече Фонзи Јуруков, раководител на акушерското одделение во Кочани.

Освен масовното иселување на младите брачни парови во странство, дел од причините за опаѓањето на бројот на породувањата во Кочани е што тие се изведуваат во другите болници во државата, најчесто на приватните клиники во Скопје.

Првото новороденче денеска го посети и градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој на мајката и на новороденото им врачи подароци и им посака здравје и среќа во животот.

Инаку, со раѓањето на женското бебе во новата година во кочанската болница е прекината традицијата од изминатите пет години кога првите новороденчиња беа машки.