Прва жртва од морбили, епидемијата не попушта


Шестмесечно бебе од Куманово вчера утрото ја изгуби битката за живот. Починало од компликации предизвикани од морбили, односно мали сипаници. Бебето од почетокот на месецов било хоспитализирано на Институт за белодробни заболувања кај децата КОЗЛЕ, го однеле таму да се лекува од пневмонија, по што било префрлено на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде пак, докторите за жал не може да се справат со компликациите, предизвикани од морбили. Епидемиологот  Жарко Караџовски, од Институтот за јавно здравје објасни дека детето изминатиот месец  во два наврата било  хоспитализирано во и  на Детското одделение во болницата во Куманово.

„Детенцето на шест месечна возраст е по потекло од кумановскиот крај, било хоспитализирано во текот на изминатиот месец во два наврата на детското одделение во Куманово. Од први до петти беше хоспитализирано во Специјалната болница во Козле. На петти е префрлено во Инфективната клиника.   Детето имало трајно воспаление во почетокот на јануари на белите дробови, најпрвин како опструктивен бронхитис, а потоа и како бронхопневмонија. Бронхопневмонијата е проширена на двете белодробни крила и покрај интензивното лекување и реанимација на Клиниката за инфективни болести е починато денеска наутро. Друг коморбидитет немаше во однос на други заболувања, рече Караџовски.

„Прво било лекувано во болницата во Козле, а после префрлено на Инфективната клиника каде докторите за жал не може да се справат со компликациите. Искрено се надевам дека трендот на  вакцинација ќе продолжи заради тоа што е единственото нешто што треба и мора да се направи со цел да се подигне колективниот имунитет кој значително е намален после падот на опфатот со вакцинација во 2014 година и за жал сега се соочуваме со овие последици“ рече министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот подвлече и дека на Клиниката за инфективни болести хоспитализирани сe уште две деца кои имаат сериозни компликации, ама нивната состојба е стабилна.

„Има уште две деца кои се во тешка состојба, но се стабилни. Тие имаат сериозно воспаление на белите дробови, но виталните параметри им се стабилни и не се во животозагрижувчка состојба“, додаде Филипче.

Тој ја искористи приликата и повторно упати апел до родителите да ги вакцинираат своите деца, добро според него  е тоа што над 60 отсто од невакцинираните деца по почетокот на епидемијата веќе се вакцинирани.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се 23 пациенти заболени со морбили, од почетокот на епидемијата досега од морбили заболеле 201 по направените епидемиолошки и лабораториски истражувања.

Вероника Мароска-Леова