Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ оставени на бришан простор


Меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ можеби владее единство во однос на ставот да не се гласа за уставни измени согласно со договорот со Грција, како што тврдат од партиското раководство. Затоа, пак, според тврдењата на соговорници од пратеничката група, кај голем дел од парламентарците владее и незадоволство од односот на партиското раководство.
Независно од поделбите што и пред референдумот беа присутни меѓу пратениците, по линија на поддршка и резерва кон новото раководство на сега опозициската партија, наши соговорници велат дека овој пат незадоволството е предизвикано од игнорантскиот став што го зазема врвот на ВМРО-ДПМНЕ кон пратениците, преку чиј грб, пак, се прекршуваат притисоците во врска со претстојното гласање за пристапување кон промена на Уставот.
На претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на генералниот секретар Игор Јанушев, на потпретседателот Александар Николоски…, како што велат наши соговорници, им е лесно, на пристојна дистанца од парламентот, да ги цементираат своите ставови против договорот за името, референдумот, а сега и за уставните измени. Во меѓувреме, пак, барем десетина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и експонирани поранешни и сегашни функционери, се прогласуваат за сомнителни во однос на гласањето за уставните промени и се директно или индиректно изложени на закани и притисоци.
Наспроти јавно декларираниот неутрален став на раководството на ВМРО-ДПМНЕ во однос на референдумот, и покрај активностите во насока на бојкот, опозициски пратеници сега ги сметаат за притисок и секојдневните тврдења на партиското раководство дека во пратеничката група нема поединци кои би гласале за уставни измени со цел промена на уставното име. Наши соговорници посочуваат на уставниот принцип според кој „пратениците одлучуваат по сопствено убедување“, кој не се зема превид во овој случај, за разлика од ставот што Мицкоски го соопшти пред референдумот – поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ да одлучат по сопствена совет дали ќе излезат на гласање и што ќе заокружат. Друга работа е тоа што дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ кои излегоа на референдумот потоа се соочија со реперкусии, односно со (можност од) разрешување од партиска функција и со притисок јавно да соопштат дека нема да гласаат за уставните измени во парламентот.
Тврдењата на партиското раководство за единство во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, наводно, сè до вчера се презентирале без речиси никаква координација со пратеничката група. Односно, инструкции за тоа како да дејствуваат во парламентот во овој период, наводно, добивале само пратеници, главно, со помал политички и собраниски стаж што новото партиско раководство ги смета за лојални.
Затоа, пак, вчера, беше јавно најавено дека во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи координација меѓу пратениците и раководството, а пред почетокот на продолжението на седницата на Комисијата за уставни прашања, која првпат се состана во средата – на 10 октомври. Во меѓувреме, пратеничката Даниела Рангелова, во интервју за Призма, изјави дека трпи закани на социјалните мрежи поради гласање на референдумот. Таа посочи дека гласала „против“ на референдумот, а дека така ќе гласа и за уставните измени. И неодамна разрешениот заменик – генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески изјави, на трибина на „Конрад Аденауер“ во Софија, дека сите од ВМРО-ДПМНЕ кои ја поддржале алтернативната кампања за референдумот се под жесток притисок. Дека има закани и притисоци кон пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои сакаат да го поддржат договорот од Преспа, пред неколку дена, предупреди и еврокомесарот Јоханес Хан.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју за ТВ 21, запрашан дали досега некој од пратениците има пријавено закани околу уставните измени, рече дека ниту еден пратеник нема пријавено какво било кршење на законот. Но, тој рече дека има пријави за закани од раководни лица во ВМРО-ДПМНЕ и членови од истата партија. Спасовски рече дека се бара амнестија за лица од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. На прашање дали се бара амнестија за раководните структури или и за настаните од 27 април, тој рече:
„А мислите дека за пониските структури ќе бараат амнестија. Па нормално дека бараат за поранешното раководство“.

Доза на оптимизам кај власта за уставните измени

Меѓу владејачки пратеници, во текот на вчерашниот ден, владееше оптимизам дека во наредните денови ќе се обезбеди потребната дополнителна поддршка од опозицијата за почнување на процесот за уставни измени. Наводно, во тој правец оделе поединечните консултации со пратеници од пратеничката група на коалицијата „За подобра Македонија“. Сепак, нема информации кои би биле пратениците што може да помогнат во собирањето 80 гласа за поддршка на владиниот предлог за пристапување кон промена на Уставот.
Потпретседателот на парламентот Горан Мисоски ги повика вчера пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, на пленарната седница што почнува в понеделник, да ги поддржат уставните измени и заеднички да ја обезбедат европската иднина на граѓаните.
– Убеден сум и не сакам да верувам дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за уставни измени в понеделник, рече Мисовски, повикувајќи ги колегите од опозициската партија истовремено со поддршката на уставните измени да го бранат и, како што рече, заедничкиот став за евроинтеграциските процеси на државата.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мисовски рече дека законодaвниот дом не може да ги коментира информациите во јавноста за притисоци и закани врз членови на ВМРО-ДПМНЕ, а за себе рече дека немал никаков притисок поврзан со неговиот став за името и најавените уставни измени. Александра М. Митевска