Практикантите мора да добијат плата за трудот


Компаниите да ангажираат млади практиканти за да добијат кадар според своите потреби, а младите пак да учат и да стекнуваат искуство, а истовремено за тоа време и да бидат платени. Тоа се основите на законот за практикантство што во моментов го подготвува Владата. Целта е да се намали невработеноста, а компаниите да добиваат способен и корисен млад кадар, но и да се стави крај на злоупотребата на трудот на практикантите.

За законот, кој за прв пат се подготвува кај нас, вчера почна јавната расправа на која присуствуваа вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Компаниите, според новиот закон, ќе може да ангажираат практиканти на возраст од 15 до 29 години, во период од еден до шест месеци. За ангажман до три месеци ќе треба да им даваат плата до 5.000 денари, а доколку компанијата одлучи да ги задржи уште три месеци, ќе треба да им плаќа минимална плата. За целиот период на обука нема да се плаќаат придонеси, но практикантите ќе имаат првенство при вработување.

Компаниите го поздравија новиот закон и сметаат дека нуди добри решенија и за нив и за младите што бараат работа. Вицепремиерот Анѓушев нагласи дека целта е, од една страна, младите да добијат сознанија кои се потребите на економијата и компаниите, а фирмите да бидат профилирани во согласност со потребите на реалната економија.

„На ваков начин, младите полесно ќе најдат работа, а компаниите, кои досега не ангажирале практиканти поради непостоење регулатива, ќе добијат кадар соодветен на нивните потреби“, рече Анѓушев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, вели дека практикантството и во европски и светски рамки дава добри резултати. Тие се потврдени и во Македонија, со Оперативниот план што се спроведува преку Агенцијата за вработување, но проблем било што областа не е законски регулирана.

„Од 2017 година, од 902 млади лица вклучени во оваа програма за практикантство се вработиле 445, или 50 проценти. Компанијата треба да има ментор кој има обврска да потпише за што е квалификувано тоа лице по завршувањето на практикантството. Дополнително компаниите ги плаќаат. Ако издвојува средства, таа вложува во него или ќе го задржи или ќе го подготви за на пазарот на труд во друга компанија“, рече Царовска. Таа истакна дека се размислува дали законот како млади лица да ги опфаќа лицата од 15 до 29 години, што е европска практика, или границата да се подигне до 34 години, поради условите во Македонија, каде што подолго трае економската зависност од семејството.

Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи смета дека плаќањето надомест за практикантите нема да е дополнително оптоварување за компаниите.

Сања Наумовска