Празниците ги испразнија улиците: Работат само оние што мораат


Главниот град, во кој живее речиси половина Македонија и кој вообичаено е преполн, за овие новогодишни и божикните празници е невообичаено празен. Главната честитка на социјалните мрежи за дополнителниот слободен ден што им го даде Владата на административците беше: „Среќен 2 јануари на сите што се од административна вероисповед“. Владата препорача и приватниот сектор да им даде уште еден слободен ден на своите вработени, при што дел од фирмите ја прифатија препораката, но повеќето граѓани вработени во приватниот сектор, сепак, беа на работа. По првиот неработен ден по Нова година беа отворени речиси сите маркети и продавници, на работа беа лекарите, новинарите, дел од градежниците и сите оние чии фирми не ги споиле празниците.

Дел од граѓаните, сепак, искористија денови од одморите и отидоа надвор од земјава. На 2 јануари на граничниот премин „Деве Баир“ е зголемена фреквенцијата на возила кои ја преминуваат македонско-бугарската граница. Според Полициската станица за гранична проверка и граничен надзор, причина за зголемениот број возила е тоа што повеќето бугарски државјани, кои за новогодишните празници биле во Охрид и Албанија, се враќале дома. Но, покрај многубројните бугарски туристи што се враќаат дома, голем бил и бројот на македонски и странски државјани што заминале на зимување во атрактивните зимски ски-центри Банско и Боровец, како и во блискиот ски-центар кај Ќустендил, Три Буки. Податоците на граничните служби покажаа дека на 2 јануари до 12 часот од Македонија во Бугарија влегле околу шест илјади патници. Но она што го остави градот пуст најверојатно е и зимскиот училиштен распуст.

На 31 декември заврши првото полугодие од учебната година и учениците се на распуст кој ќе трае до 21 јануари. Министерството за образование испрати препорака до директорите на училиштата да ги ослободат вработените од обврски од денеска до 11 јануари за да се намалат трошоците за загревање на училишните објекти. Празниците и распустот ги редуцираа и автобусите низ Скопје. Од Јавното сообраќајно претпријатие соопштија дека возниот ред е редуциран и дека в понеделник, на Божик, автобусите од јавниот превоз ќе возат по неделен возен ред. Полупразни останаа и градинките поради празниците, но и поради прогласената епидемија на морбили и одлуката на здравствените власти во градинка да не се примаат децата што не се вакцинирани.

Празниците си ги споија и народните избраници во парламентот. Со последното годишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов и измената на повеќе закони во скратена постапка, пратениците на 28 декември ги завршија работните обврски, а првата наредна седница е закажана за на 9 јануари и на неа треба да изгласаат уставните измени. Активностите ги намалија и владините министри и опозиционерите. Најактивен министер по новогодишните празници беше министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, го посети првото новородено дете во Скопје, а по неколку дена прогласи епидемија од морбили. Од Владата велат дека службите работат со целосен капацитет.

„Владата работи со целосен капацитет, сите служби и кабинети редовно ги извршуваат своите активности. Нема никакво спојување на работни со неработни денови. Право на секој вработен е како и на кој начин ќе ги користи деновите од годишниот одмор“, велат од Владата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, празнично беше актуелна со обвинувањата до неформалниот сопруг на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, односно дека неговите фирми во четири очи добиле три договори во милионски износ за набавка на дронови.

Втори јануари стана работен ден во 2007 година како дел од законското решение на тогашната Влада, кога беа додадени низа други празници за неработни денови. Сепак, вообичаена слика и на втори и на деновите од Божик работењето да биде на минимум.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Фото: Б. Грданоски