Правна битка за затворот на Груевски: Кривичен ќе го претекне Врховен?


Адвокатскиот тим на поранешниот премиер Никола Груевски за да ја одложи затворската казна води правна битка на два фронта – пред Кривичниот и пред Врховниот суд. Според првичните пресметки и проценки, конечната одлука дали Груевски ќе замине во затвор ќе ја донесе Кривичниот суд бидејќи до 8 ноември, крајниот рок до кога Груевски треба доброволно да се јави во затвор, Врховниот суд нема да има можност и време да одлучува.

Вчера во Кривичниот суд стигнало барањето за одложување на затворската казна на Груевски, кое адвокатите преку препорачано писмо, по пошта, го испратија во понеделникот. Од вчера почна да тече тридневниот рок и до петок судијата за извршување санкции треба да одлучи дали ќе ги прифати причините на Груевски да не оди во затвор. Ако судијата не прифати да му ја одложи казната на Груевски поради неговите пратенички обврски и поради неговиот план да пишува книга врз основа на докторската дисертација која ја одбрани летоска, тој има право во рок од три дена од донесувањето на одлуката да се жали пред Кривичниот совет. Советот е составен од тројца судии и до 8 ноември, ден порано или подоцна, треба да биде донесена конечната одлука дали Груевски ќе оди во затвор или ќе има одложување.

Ова се груби пресметки на роковите што се предвидени. Законот за извршување санкции прецизно ги наведува причините поради кои може да се одложи казната, но претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, вели дека одлуките за одложување на казната се исклучоци и се случуваат многу ретко.

Но, секој од петтемина адвокати на Груевски има поднесено посебно барање, со посебни причини за вонредно преиспитување на пресудата пред Врховниот суд на чело со Јово Вангеловски и одложување на издржувањето на казната затвор.

Џолев, цитирајќи член од Кривичниот законик, толкува дека одлука за одложување на казната треба да донесе или Кривичниот или Врховниот суд, но сепак остава простор Врховниот суд да цени дали ќе одлучуваат по барањето. Барањето до Врховниот суд сè уште не е стигнато таму. Кога ќе биде предадено на повисокиот суд, зависи од тоа кога поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ќе поднесе жалба на шестгодишната затворска казна бидејќи двајцата поранешни функционери се осудени во „Тенк“, за набавката на луксузниот „мерцедес“ и за нив има исти докази. Од судот брифираат дека жалбата на Јанкулоска има предност бидејќи е редовен правен лек, наспроти вонредните правни лекови на Груевски пред Врховен.

Кога ќе стигне жалбата на Јанкулоска, списите од предметот ќе бидат предадени во Апелацискиот суд, кој треба да одлучува за Јанкулоска, а фотокопии на списите ќе бидат предадени во Врховен, кој ќе одлучува за Груевски. Но Џолев вели дека Врховниот суд, според досегашната пракса, може да одлучува по овие барања со месеци, па и со години. И да биде одлуката донесена во експресен рок по стигнувањето на барањето, Врховен мора да бара мислење од Специјалното јавно обвинителство, кое има рок од петнаесет дена да го достави мислењето.

Иако вонредните правни лекови не го одложуваат одењето во затвор, сепак Врховниот суд може да донесе одлука и да го врати случајот на повторно одлучување и да го запре извршувањето на санкцијата, односно да го ослободи Груевски од затвор.

Фросина Факова-Серафиновиќ