По стравичниот пожар во Велес: Теона не го дочека првиот роденден


Велес – Малата Теона за десетина дена требаше да го прослави првиот роденден. Таа беше гордост на семејството Давчевски. Едвај почна да оди, ги учеше чекорите, како сунѓер ги впиваше зборовите на повозрасните од неа. Беше миленичка на повозрасните браќа и сестри. Семејството, кое едвај врзуваше крај со крај, се двоумеше како да ја израдува, оти желбите се едно, а можностите друго.

Теона не дочека да дувне во свеќичките на роденденската торта. Нејзиниот живот сурово згасна во трагедијата во велешкиот Вршник, кога таа, нејзиниот брат и сестра загинаа во пожар.

Трошна куќичка на крајот од Велес. Од последната населена куќа, која колку-толку личи на пристоен дом има уште тристотини метри по каллив пат полн со дупки. Таму возило одамна не минало. Таму живее семејството Давчевски. Сиромаштија, буквална и описна. Покрај убавата природа и дивото зеленило, никнала дивоградба од дваесетина квадратни метри. Цигли без фасада. Нема струја, нема вода, полски клозет. И многудетно семејство. Таткото Никола и мајката Марина, три деца: Теона, Петар и Драган. Најмала 11 месеци, синот стар две, најстарата ќерка пет години.

И на таткото и на мајката не им беше прв брак. Марина има шест деца од три брака, најстариот син има 18 години, тој беше излезен со нив во средата кога се случи пожарот. И Никола имаше други бракови. Бог ги сакал, имаа прекрасни деца, ама ете што ти е живот, што ти е судбина“, коментираат соседите.

Тие ги засакаа децата како свои. Велат толку време тие биле сами, што се почувствувале како нивни родители….

(повеќе читајте во утрешниот број на Независен весник)

Горан Адамовски Фото: Борис Грданоски