По Пржино: нов состав или нов концепт на ДИК ?


За СДСМ е начелно прифатлив предлогот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за забрзување на изборот на новиот состав на Државната изборна комисија, откако осуммина од вкупно девет членови на Комисијата поднесоа оставки. Сепак, од владејачката партија не исклучуваат можност и за нови разговори за измени во Изборниот законик, вклучително со структурата на ДИК, за што последен пат се водеа меѓупартиски преговори и беше постигнат договор во Пржино – во екот на политичката криза.Нова дебата на оваа тема, наводно, бара и опозицијата.

„Не сум сигурен дека ова е предлог од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што оттаму неодамна јасно се произнесоа дека бараат разговори на ниво на работни групи за одредени законски измени во врска со изборот на ДИК. Ние сѐ уште стоиме на ставот дека треба да се отвори дебата за измени во изборниот модел, вклучувајќи го и прашањето за избор на ДИК. Сѐ уште не сме разговарале како пратеничка група за конкретниот предлог, но јас сметам дека во рамките на постоечкото законско решение е коректен и дека, доколку е заеднички и усогласен партиски предлог на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде поддржан од наша страна“, вели Тунтев.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека го поддржуваат предлогот на Милошоски, кој побара од Собранието да распише оглас за избор на нови членови на ДИК. Според Милошоски, спротивно на законот е државата повеќе од 30 дена да нема ДИК, особено во време кога се најавува можност за референдум за името.

Македонија речиси два месеци е без Државна изборна комисија, по оставките што ги поднесоа осум членови, откако избувна скандалот со високите бонуси за последните изборни циклуси. Во ДИК остана единствено претставничката на Беса, која беше избрана пред неодамнешните локални избори.
По „самораспуштањето“ на ДИК, премиерот Зоран Заев, како лидер на СДСМ, најави дека прашањето за новиот состав на Комисијата треба да се реши преку дебата меѓу партиите.

Според постојната изборна регулатива, членовите на ДИК се избираат со двотретинско мнозинство во парламентот, по претходно распишан оглас за партиски претставници и за експерти. Тројца од членовите се од редот на експертите и од нив се избираат претседателот и заменик претседателот на Комисијата. Другите членови се од четирите најголеми партии, така што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ предлагаат по двајца членови, а ДУИ и сега Беса – по еден.

Членовите на ДИК ги извршуваат професионално функциите, така што минатата недела имаше информација дека дури петмина од поранешните членови на Комисијата поднеле барање за апанажа, додека останатите тројца се вратиле на старите работни места. (А.М.М.)