По демантот од Владата, ТВ Алфа им се извини на Заев и Анѓушев за лажна вест


Телевизија „Алфа“ им се извини на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев за пласирање лажна вест откако денеска Владата ја демантираше веста и побара јавно извинување од телевијата.

– ТВ Алфа им се извинува на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев за пласираните лажни информации во  прилогот насловен „Заев: Вината на Анѓушев не е докажана“. Изјавата на премиерот Заев е неточно и погрешно пренесена со што е објавена лажна вест со која се нанесува штета на угледот на премиерот Зоран Заев и на заменик претседателот на Владата, Кочо Анѓушев“, се наведува во објавениот демант.

Во демантот и барањето за извинување Владата денеска укажа дека изјавата на премиерот Зоран Заев е  погрешно  пренесена и врамена во сосема неточен контекст што значи дезинформирање на јавноста, со свесна намера да се наруши угледот на Владата на Република Македонија, премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори, проф. д-р Кочо Анѓушев.