По два часа, лидерите на куса пауза – разговорите продолжуваат


По неполни два часа од почетокот лидерите на четирите најголеми партии во земјата ги прекинаа разговорите и заминаа на куса пауза. Нема информации за што тие разговарале во првиот дел од денешната трета лидерска средба во последните пет дена.

На лидерската средба во Клубот на пратениците присуствуваа премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, Али Ахмети од ДУИ, Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ и Билал Касами од БЕСА.

Ова е трета лидерска средба во последните пет дена. Првите две се одржаа минатата недела, едната во проширен состав со присуство на лидерите на партиите кои имаат повеќе од еден пратеник во Собранието, а втората во скратен состав по барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Власта бара од опозицијата поддршка за претстојниот референдум, додека опозицијата инсистира на усвојување на Законот за финансирање на политичките партии, измени во Законот за Влада според пржинскиот модел и измени во Кривичниот законик поврзан со амнестијата.

И на денешната средба во Клубот  на пратениците, Заев е придружуван од вицепрмиерката Радмила Шеќеринска, Мицкоски е со професорката Тања Каракамишева, Али Ахмети се вицепремиерот Бујар Османи, додека Касами е придружуван од Аријанит Хоџа.

По завршување на средбата се очекуваат изјави од лидерите.