Почнува постапката за изградба на Дневен центар за деца со аутизам
Министерството за труд и социјална политика во рок од 30 дена треба да ја отпочне постапката за вадење на градежни дозволи за изградба на Дневен центар за деца со аутизам.
Информацијата за изградба на овој дневен центар вчера помина на владина седница. Најдоцна за шест месеци, ресорното министерство треба да ја информира Владата за целосната реализација на проектот.
Владината прес-служба информира дека на вчерашната седница разгледана е и информацијата за состојбата со Еурокомпозит од Прилеп при што компанијата е задолжена да побара позајмица од ЕЛЕМ и МЕПСО од по три милиони денари или вкупно шест милиони денари. Истовремено, им е порачано на ЕЛЕМ и МЕПСО да го обезбедат побаруваниот заем.
Половина од средствата или три милиони денари ќе бидат наменети за линеарна исплата на примања за вработените. Околу 30 проценти од средствата ќе бидат наменети за набавка на репроматеријали и на други потребни средства на компанијата, а остатокот ќе биде насочен за тековно одржување на компанијата. Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев е задолжен во најскоро можно време да најде конечно решение за Еурокомпозит.
На владината седница е прифатен и Предлог – законот за изменување на законот за додадена вредност со кој се предвидува пролонгирање на рокот на примена на повластената стапка од пет проценти, на првиот промет на станбените згради и на становите кои се користат за станбени цели, а кој ќе се изврши во рок до пет години по изградбата. Со предлог – законот рокот се продолжува за уште пет години односно од почетокот на следната година до крајот на 2023.
Владата ја прифати и информацијата за Предлог – договорот за доделување на државна помош на друштво за производство и трговија „Теламон Европа Македонија“ ДООЕЛ Скопје и ја овласти министерката задолжена за привлекување странски инвестиции Зорица Апостолска да го потпише договорот. Договорот ќе биде потпишан на 13 овој месец.
Дадена е и согласност измените на Законот за минимална плата да се донесат по скратена постапка. Со законот се уредува финансиска поддршка за раст на платите во повисок износ од минималната плата. Целта е да се поттикнат работодавачите да исплаќаат плати на работниците во повисок износ од минималната плата утврдена со овој закон, за подобрување на економскиот стандард и поттикнување на економскиот раст и развој во Република Македонија. Со предложените измени и дополнувања на Законот за исплата на минимална плата во Република Македонија ќе се поттикне спиралата за покачување на платите.
На седницата се прифатени и Предлог-измените на Законот за заштита на децата кои се во насока на подобрување на финансиската состојба на корисниците на право на посебен додаток за дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот, како и овозможување на деца за кои се користи право на посебен додаток да бидат здравствено осигурени, доколку не се осигурени согласно закон.
Со предложените измени се предвидува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток со законот за заштита на децата да се зголеми од 4.202 денари на 5.021 денари, додека самохран родител кој има дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години да добива 7.351 денари наместо досегашните 6.303 денари. За материјално необезбедени родители, кои се корисници на социјална парична помош и постојана парична помош кои имаат дете со специфични потреби со пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот, износот се зголемува од 5.252,50 денари на 6.276 денари.
Владата го разгледа и конечниот извештај на овластениот државен ревизор за извршена ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност за 2016 година на Министерството за култура. Притоа е констатирано дека извештајот од страна на Државниот завод за ревизија е доставен до Основното јавно обвинителство. Задолжено е Министерството за култура да пристапи кон изготвување на акциски план со дефинирани рокови и носители за имплементација на дадените препораки од Конечниот извештај на ДРЗ во функција на надминување на утврдените состојби и во рок од 30 дена да го достави до Владата и до Државниот завод за ревизија.
Мнистрите ги прифатија и Предлог–програмите за изменување на програмите за финансиска поддршка во земјоделството, во рибарството и аквакултурата и за поддршка на руралниот развој – сите за тековната, 2018-та година. Прифатена е и информацијата за давање согласност за распишување на јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари по пат на електронско јавно наддавање. Донесена е одлуката за давање на ваквата согласност и решението за формирање на комисија за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над три хектари.