Почнува битката за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ


Конкурентска битка за челното место во ВМРО-ДПМНЕ се очекува на престојниот конгрес што Извршниот комитет на партијата го најави за 23 декември. Одлуката за одржување на конгресот треба да ја потврди наскоро и Централниот комитет на партијата.
Првиот вонреден конгрес за избор на нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ во историјата на партијата е закажан откако долгогодишниот претседател Никола Груевски, преку интервју за „Курир“, најави дека се повлекува. Тој, според информациите, на прексиноќешната седница на Извршниот комитет не поднел формално оставка пред сопартијците, но се очекува тоа да го стори или на седницата на Централниот комитет или директно на конгресот. Иако во јавноста се појавија теории дека е можно делегатите да не ја прифатат оставката на Груевски, познавачи на приликите во ВМРО-ДПМНЕ велат дека поранешниот премиер дефинитивно заминува од партискиот врв, посочувајќи дека оставката е, сепак, личен чин.
По веста дека е одреден терминот за конгресот, во политички кругови се зголеми „циркулацијата“ на имиња кои се спомнуваат како можни претенденти за лидерската функција во опозициската партија. Засега, главно се вртат имињата на личности од потесното опкружување на Груевски, за кои се појавуваат и дилеми дали ќе имаат капацитет да свртат нов курс, со оглед на тоа што во изминатите години учествуваа во креирањето и спроведувањето на политиките на владејачките структури на ВМРО-ДПМНЕ.


Најскромен стаж во раководните структури на ВМРО-ДПМНЕ, а со тоа и најмал негативен багаж, има актуелниот генерален секретар на партијата Христијан Мицковски, инаку универзитетски професор. Тој во последниот период е еден од најактивните во партијата, за разлика од постарите и некогаш мошне експонирани кадри, кои сега одржуваат одредена дистанца и не се појавуваат толку често во јавноста.
За поранешниот шеф на дипломатијата Никола Попоски се смета дека е во предност пред дел од другите можни кандидати, поради конструктивноста додека учествуваше во владиниот естаблишмент на ВМРО-ДПМНЕ. Освен тоа, проценките се дека Попоски би бил прифатлива фигура за меѓународниот фактор, по неодамнешната иницијатива „Жан Моне“.
Бугарската агенција БГНЕС го претстави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, како можен кандидат кој ужива најголема доверба кај Груевски, но и кој е најсилен застапник на политиката на антиквизација. Во политички кругови не се исклучува ниту можност во трката за челната позиција во опозициската партија да се вклучат и пратениците Владимир Ѓорчев, Антонијо Милошоски, Емил Димитриев, кои, иако релативно млади, се сметаат за дел од „постарата гарда“ на ВМРО-ДПМНЕ.
Со оглед на фракционерските струења што се засилија во ВМРО-ДПМНЕ во последниот период, се очекува амбиции за влез во партиското раководство да пројават и групациите кои се спротиставуваат на политиките на сегашниот партиски врв и бараат реформи. Но, отежнувачка околност за нив е постојниот партиски статут кој, во овој случај, практично, би ги фаворизирал кандидатите од доверба на Груевски.
Согласно статутот на ВМРО-ДПМНЕ (доколку не се направат одредени измени во меѓувреме) одлуката за нов лидер, кандидат за претседател на партијата може да предложат најмалку 30 делегати. Исто така, на престојниот вонреден конгрес, одлуката би требало да ја донесат околу 560 делегати од последниот редовен конгрес. Станува збор за истите делегати кои во мај 2015 година, со акламација, го верификуваа четвртиот мандат на Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку во битката за лидерската позиција се вклучат повеќе од еден кандидат, како што се очекува, тоа ќе биде втор таков конгрес во историјата на ВМРО-ДПМНЕ, по оној во Охрид во 2003 година. Тогаш, Марјан Ѓорчев му беше противкандидат на Груевски во битката за наследник на Љубчо Георгиевски. ( А.М.М.)