Почна 16. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, присутни 411 делегати


Почна работата на вонредниот Конгрес на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од верификациската комисија на Конгресот истакнаа дека од 544 запишани делегати присутни се 411. Со тоа е исполнет условот конгресот да работи согласно Статутот на партијата.

Ова е 16. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на кој треба да биде избран идниот лидер на партијата, по оставката на Никола Груевски, а единствена кандидатура има поднесено досегашниот генерален секретар Христијан Мицковски.

Претседателот во оставка на ВМРО-ДПМНЕ Груевски непосредно пред почетокот на работата на Конгресот рече дека очекува мирен и транспарентен конгрес.

– Треба да се донесат мудри и рационални одлуки и потоа треба да се насочиме кон напредна и просперитетна Македонија, а предуслов за тоа е рушење на нашиот политички опонент СДСМ. Верувам дека работите ќе одат во добар правец, рече Груевски.

Мицковски пред почетокот на работата на Конгрес на партијата изјави дека очекува да се соберат потребниот број делегати.

– Искрено очекувам дека ќе дојдат потребниот број на делегати денес на првиот ден на работа на Конгресот и согласно статутот и во текот на утрешниот ден, рече Мицковски.

Насоките врз кои ќе почива идната политика на ВМРО-ДПМНЕ доколку биде избран за претседател на партијата најави дека ќе ги образложи утре пред делегатите на 16 вонреден Конгрес.

Прашан за најавениот бојкот на конгресот од страна на високи партиски функционери Мицковски рече дека тоа се исклучителни луѓе, кои извршувале високи функции во партијата со одличен успех, кои имаат додадена вредност на партијата, и кои имаат потенцијал да помогнат на партиските политики. – Во периодот што претстои не само што има подадена рака, туку и прегратката е отворена и за сите добронамерници и граѓани на кои политките на ВМРО-ДПМНЕ им се блиски да помогнат затоа што сведоци сме последниве седум месеци е период на закани, уцени на Владата предводена од СДСМ, а мене лично ме загрижува безидејноста во насоките каде оди државата, рече Мицковски.

Тој не го смета за црна дамка отсуството на негови сопартијци, туку напротив смета дека тоа зборува за демократскиот капацитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Запрашан за очекувањата и лојалноста на пратениците кои се потпишаа за иницијативата за демократизација на партијата, Мицковски рече дека поголем дел од нив ги видел во конгресната сала.

Според претседателот на организацискиот одбор Спиро Рисотвоски, претстојат конструктивни два дена на работа на највисокиот партиски орган. – Она што ќе е најинтересно за јавноста ќе се случува утре кога треба да биде избран новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Очекувам конструктивна работа на највисокиот орган, изјави Ристовски.

На новинарско прашање за ставот на неговите сопартијци Антонио Милошоски, Илија Димовски кои најавија дека нема да присуствуваат на Конгресот Ристовски одговори дека партијата следните чекори ги прави согласно одлуките на партиските тела. Деновиве, наведе, имало конструктивна и конкретна дебата во партијата и нејзините тела од која тој како претседател на организацискиот одбор е задоволен.

– Лично ги поддржувам личните размислувања на поединци од партијата и секако на партиските функционери. Партијата следните чекори ги прави согласно одлуките на партиските тела, а Извршниот и Централниот одбор не ја изменија одлуката за одржување на Конгресот на 22 и 23 декември во Валандово. Па еве сме тука и продолжуваме со работа, рече Ристовски.

Мицковски како единствен кандидат за претседател на партијата, за да биде избран, треба да добие поддршка од мнозинството од вкупниот број делегати. Во спротивно целата изборна постапка се повторува.

На дневен ред на Конгресот има 16. точки