Митинг на ВМРО-ДПМНЕ пред Владата


Под мотото „Македонија ќе победи“ пред Владата на Република Македонија почна митингот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Ова е прв митинг што го организира ВМРО-ДПМНЕ предводена од новото раководство и претседателот Христијан Мицкоски, кој ќе се обрати пред присутните членови и симпатизери на партијата.

Мицкоски придружуван од потпретседателите Митко Јанчев, Влади Мисајловски и Александар Николоски, како и поголемиот дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во првите редови го слушаат говорот на актерот Тони Михајловски, кој е прв говорник на протестот.

Според најавите, од собирот на опозициската партија ќе бидат упатени критики за политиките на актуелната власт, а се очекува да бидат соопштени и следните чекори на опозицијата. Сообраќајот на булеварот „Илинден“ пред Владата на Република Македонија е затворен за сообраќај.

Од 20 часот за сообраќај се затвори и мостот „Гоце Делчев“, а сообраќајната полиција повремено  го пренасочува сообраќајот по околните улици во зависност од движењето на граѓаните.

Од МВР информираат дека возилата на јавниот градски превоз ќе можат да се движат по улицата „Димитрија Чуповски“ на „Рекорд“ во двете насоки.

Фото: Борис Грданоски