Почна замената на водомерите во Куманово, брз и прецизен начин за далечинско отчитување на системот на водоснабдувањето


Почна поставувањето електронски водомери во Куманово. Првите корисници се граѓаните од централното градско подрачје. Станарите од зградa од улицата „Пионерска“ во централното градско подрачје добија нови водомери што ги поставија екипите на јавното претпријатие „Водовод“.

-Сè што е ново, современо, треба да се поздрави. Но, многу значајно за граѓаните е што со надворешното отчитување на податоците, ќе се спречат одредени негативни појави. Сме слушале дека некои лица подмолно се претставуваат како инкасатори и влегуваат во домовите обично кај постарите граѓани и разгледуваат како да направат штета – вели Благица Ристеска, станарка.

Проектот е добар, велат кумановци, и во однос на исклучувањето на несовесните корисници на услугите на претпријатието. На оние што нема да плаќаат ќе им се исклучи водата однадвор. Претходно екипите на „Водовод“ ја мереа потрошената вода влегувајќи во становите во тоалетите, кујните. Со новите водомери нема да има потреба инкасаторите да влегуваат во домовите и да ја нарушуваат интимата кај корисниците. Во една минута однадвор без да се нарушува приватноста на граѓаните со дигиталните читачи ќе се прочитаат 200 водомери.

Јавното претпријатие „Водовод“ Куманово ја врши замената на старите и постави нови електронски водомери во рамки на проектот „Проект за замена и инсталација на куќни, комбинирани, индустриски и ултразвучни водомери и нивна интеграција во систем за далечинско отчитување во системот за водоснабдување на Општина Куманово“, што се спроведува преку средства обезбедени од Европската инвестциска банка во вредност од милион и 650 илјади евра.

-Мислам дека е одличен проект, ќе се намалат и можностите за кражба на вода од страна на несовесни граѓани. Секако сме имале случаи на кражби, ги вадат старите водомери, не пријавуваат кај нас, приклучуваат црево и трошат и за функционирање на домаќинството и за наводнување. Со новите водомери таквата можност се отстранува. Доколку има обид, тоа ќе биде регистрирано компјутерски и веднаш ќе се излезе на терен, изјави шефот на контрола во „Водовод“, Дарко Трајковски.

Монтажерите велат дека работата е едноставна, единствено имаат проблеми во некои згради каде што водомерите се ставени на непристапни места.

-Новите водомери се посовремени во однос на старите. Одиме со одредено темпо на замена. Дневно околу 30 – вели монтажерот Сашо Станковски.

Досега се поставени 3.000 водомери кај правните субјекти и физичките лица, а наредниот период ќе бидат поставени останатите кај домаќинствата, пред сè во оние делови од градот каде што водоводната мрежа е стара и каде што има поголем број станбени единици.

Бенефиции од проектот има претпријатието, кое со години се соочува со проблем на нефактурирана вода. Овој систем ќе придонесе да се намалат дефектите и загубите на вода, ќе овозможи да се евидентираат евентуалните манипулации на мерилата, што за комуналното претпријатие ќе значи зголемување на приходите од реално фактурираната количина на дистрибуираната вода и намалување на трошоците поради зголемување на ефикасноста на човечкиот фактор во работењето.

– Битно е да се знае дека ова не е проект само за замена на водомери, битно е што ќе се направат зони и со посебен уред ќе се утврди дистрибуираната и фактурираната вода и ќе ги препознаеме невидливите дефекти што се голем товар за претпријатието, изјави директорот на претпријатието Горан Стојковски.

Водомерите имаат радиско отчитување и прецизно ја мерат испорачаната вода до крајните корисници. Со нив се овоможува прибирање и обработка на податоците во софтвер за отчитување, мониторинг и визуализација. Врз основа на прибраните податоци, претпријатието спроведува дневни, неделни, месечни и годишни анализи на потрошувачката и загубата на вода во целата водоводна дистрибутивна мрежа.

За претпријатието прифатливи се 15 – 20 проценти загуба на вода и затоа се преземаат сет мерки и активности, меѓу кои и овој проект со кој се елиминираат неточностите во мерењето на испорачаната вода.

На ниво на Куманово ќе бидат поставени 10.000 електронски водомери, а во рамките на проектот набавени се и геокорелатори и геофонови, универзални електронски уреди за детекција и точно макро и микролоцирање на дефектите во водоводните мрежи каде што водата истекува под притисок и предизвикува звук.

Оваа технологија, која е поткрепена со ревидирани стандарди и правила, овозможува брзо и прецизно решавање на проблемите поврзани со отчитување со кои се соочуваат комуналните претпријатија. Крајно, јавните претпријатија добиваат унифициран систем на работење и намалување на трошоците.

Првата фаза од проектот ќе заврши до јуни годинава, по што претпријатието ќе аплицира со нов проект за замена на дополнителни 18.000 водомери, со што би се опфатиле сите корисници на претпријатието