ПОЦ си купи машина за чистење на паркинзите


Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар си купи машина со која ќе ги чисти паркинзите од различни видови отпад. Машината, коај е набавена од Австрија и е од германскиот бренд „Грин Машинс“ се прилагодува и за чистење снег и зимава ќе се користи и за одржување на општинските тротоари и пешачки зони. Од јавното петпријатие велат дека ова е првата во серијата планирани набавки на механизација за оваа година.

„ПОЦ за првпат на овој начин ќе ги чисти паркиралиштата и веруваме дека со набавката на оваа машина поефикасно ќе ја извршуваме работата во делот на одржување на хигиената и чистотата на паркиралишта, како и целокупната чистота на Центар. Верувам дека граѓаните ќе бидат задоволни и ќе ја забележат разликата“, изјави директорот на „Паркинзи“, Васко Кичевски.

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ вели дека новата машина за чистење чини 2,3 милиони денари, а во периодот што следи, општината ќе набави уште неколку вакви машини за одржување на хигиената на тротоарите и улиците.

„Секојдневно работиме на редовно одржување на хигиената на улиците и тротоарите, но и на паркиралиштата кои се наоѓаат на територијата на општината. Во таа насока, покрај неколку машини ќе поставиме и нови канти за отпадоци и контејнери, со што ќе придонесеме за почиста и поздрава животна средина за децата и за граѓаните на Центар“, изјави Богдановиќ.