„Поткуп“ одложен на неопределено време


Апелацискиот суд Скопје ја одложи на неопределено време јавната седница на која треба да одлучува дали снимките од посебните истражни мерки објавени на Јутуб можат да бидат доказ во случајот „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев. Седницата денеска е одложена поради тоа што судијата Африм Фидани, кој постапува по овој предмет, минатата недела беше назначен за судија на Врховниот суд, а неговиот заменк се уште не е избран. Судијата Сафет Кадриу рече дека причина за денешното одложување на седницата е поради тоа што се уште не е направена прераспределба. Адвокатите на Заев побараа од Основниот суд Скопје 1 оваа снимка да се издвои од доказите, бидејќи беше објавена на неколку медиуми, а се работи за тајна снимка. Судот го одби нивното барање по што поднесоа жалба до Апелцискиот суд. Заев во „Поткуп“ е обвинет дека како градоначалник на Струмица, побарал поткуп од струмички бизнисмен Иван Николов, во вредност од околу 160 илјади евра за градежно земјиште во Струмица. Следното судско рочиште за „Поткуп“ во Кривичниот суд е закажано за 25 декември.